Стипендија за сите студенти на Педагошка академија

Република Македонија мора на светскиот пазар да се понуди и бори со ниво на знаење. Токму заради тоа Владата пристапи кон еден сет на мерки и реформи кои треба да бидат спроведени во следниот период.

Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука во своето гостување во дневникот на Сител.

Тој ја образложи потребата од Академијата за наставници.

-По завршување на 4-годишното образование на Педагошките факултети, ќе треба една година да отидат на Педагошка Академија каде ќе се специјализираат за областа и начинот на кој ќе ги спроведуваат сите свои предавања. Ова важи за сите идни генерации, односно новозапишани студенти. Оние кои сега студираат можат да продолжат по стара програма. Важно е да се истакне дека таа година додека студентите се на Академија, ќе примаат стипендија во износ на просечна плата некаде околу 21.000 денари. Паралелно е многу значајно како стимулативна мерка да се истакне дека во рамки на предлогот стои можност кој сака од постојните наставници доброволно да се пријави за една година обука во рамки на Академијата, рече Ристовски.

Овие наставници кои доброволно ќе се пријават да ја поминат Академијата, ќе добијат покачување на плата по завршување на истата.