Македонија

СТИВ ФОРБС: Грција да спроведе даноци како Македонија

СТИВ ФОРБС: Грција да спроведе даноци како Македонија

Главниот уредник и еден од оснивачите на магазинот Форбс, Стив Форбс, ја посочува Македонија како една од земјите на кои Грција треба да се угледа во економските реформи, пишува Економски.мк.

Анализирајќи ја лошата состојба на Грција, Форбс во колумна од печатеното издание на магазинот, диреткно им се обраќа на премиерот Ципрас и министерот за финансии, Варуфакис, со препорака да воведат даночни политики какви што имаат Македонија и Бугарија.

– Нема причина грчката економија да не расте. Погледнете ги соседните земји, Бугарија, Албанија и, да, Македонија. Тие имаат доста проблеми, но нивниот перформанс е извонреден спореден со вашиот. Нивните економии растеа изминативе години, додека вашата имаше ужасен пад. Мора ли Грција постојано да биде најзакржлавената единка во ЕУ кога се работи за економски раст? Не, категоричен е Форбс.

Тој предлага конкретни чекори кои Грција може да ги преземе и тоа по пример на соседството.

– Еве како да се ослободите од вашето “лонче за просење”: Даноци. Бугарија и Македонија имаат систем на рамен данок од 10% на личниот доход. Усвојте сопствен рамен данок од 10%. Потоа скратете го корпоративниот данок на 10%. Кога сте веќе таму, намалете го ДДВ на 15%. Што се однесува до вашитe смешно високи давачки за придонеси од 45%, скратете ги и нив на 10%, советува Форбс.

Тој очекува Тројката кредитори и сите останати да го кренат гласот со аргумент дека Грција не може да си ги дозволи овие потези, но одговорот до нив треба да биде дека не може да си дозволи да не ги преземе.

– Даночната евазија во Грција е ендемична. Вашиот ужасен даночен систем е една од причините зошто имате огромна сива економија, продолжува Форбс во анализата.