Сто и едно дете од згрижувачките семејства добија новогодишни подароци

Стои и едно дете од згрижувачки семејства денеска добија новогодишни подароци, дел од проектот „Волшебна елка на желбите“.

Проектот „Волшебна елка на желбите“ традиционално пред Нова година го спроведуваат Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст. Децата сместени во згрижувачки семејства на 9 декември си ги запишаа своите желби на лампиони, што беа поставени на елката во ТЦ Рамстор, а денеска им беа исполнети. Подароците им ги врачија Дедо Мраз и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

– Децата во згрижувачките семејства имаа можност во изминатиот период да ја кажат својата желба за новогодишен подарок и во соработка со приватните комапнии и Црвениот крст да им се обезбедат подароците, рече Спасов.

Секретарот на Црвен крст на Град Скопје, Сузана Тунева – Пауновска оцени дека и овој пат граѓаните и компаниите се погрижиле детските желби да станат реалност.

– На овој начин покажуваме дека сме една средина која негува хумана димензија и од година во година многу деца ќе добијат се што посакуваат за нова година, а посебно децата сместени во згрижувачки семејста, децата на кои им е потребна вистинска топлина и родителска љубов, истакна Тунева – Пауновска.