Што открија Фејсбук статусите на масовниот убиец од Орландо

Масовниот убеиц Омар Матин пред и за време на нападот на геј клубот во Орландо на Фејсбук објавил низа пораки во кои изразува бес поради „бесрамните постапки на Западот“.

Во една од пораките тој ги обвинува САД за смртта на „недолжните жени и деца“, се наведува во писмото што го објави Комитетот за внатрешна безбедност и владини прашања на Сенатот на САД.

Убиецот што уби 49 лица, исто така во неделато утрото кога го извел нападот и пребарувал на интернет користејќи ги клучните зборови „Пулс Орландо“ што е името на геј клубот, како и зборот „пукотници“, пренесува АП.

Во писмото, што Комитетот го упатил до директорот на Фејсбук Марк Цукерберг од компанијата се бара да даде информации за активностите на Матин на интернет и да поднесе извештај до Комитетот за тоа.

Комитетот во писмото наведува, повикувајќи се на информациите на персоналот, дека пет налози на Фејсбук се поврзуваат со овој 29-годишен муслиман роден во САД.

Во расветлувањето на состојбата на свеста на Матин во последните часови од неговиот живот, во писмото се вели дека убиецот на популарната социјална мрежа во неделата утрото напишал:

„Америка и Русија да престанат да ја бомбардираат Исламска држава“ и „Вистинските муслимани никогаш нема да го прифатат бесрамното однесување на Западот“.

Убиецот и на Фејсбук, како и во повикот во полиција за време на масакрот се заклел на верност на лидерот на ИД, а во последната порака предупреди:

Во наредните неколку денови ќе видите напади на Исламска Држава во САД.

Иако тој изрази лојалност кон ИД, администрацијата на американскиот претседател Барак Обама соопшти дека не гледа докази дека пукотниците во геј клубот се изведени по инструкции на ИД.

Истовремено, ФБИ апелираше за помош од јавноста во реконструкцијата на потезите на убиецот за да се добие колку е можно поцелосна слика што правел тој и зошто така постапил, потсетува американската агенција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.