Што се крие зад планот на СДСМ за Македонија?

Најавите на опозицискиот лидер Зоран Заев од Швајцарија за проширување на рамките на Охридскиот договор, воведување на двојазичност и кантонизација на Македонија, кои можат да се прочитаат и во делови во програмата на СДСМ, според владејачката ВМРО-ДПМНЕ се потврда дека Заев сака да го менува уставот и да ја федерализира државата, иако опозицискиот лидер за време на митинзите вели дека не планирал федерализација и дека нема да има никакво менување на Уставот на Република Македонија.

Во програмата на СДСМ стои дека се залагаат за воведување на политипни општини, редефинирање на организацијата на безбедносните структури, мултикултурен модел на образование и децентрализација на социјалната заштита.

Повикувањето на некаква си ревизија на Охридскиот рамковен договор, според универзитетската професорка Иванка Додовска, укажува на основни непознавања на општествено-правните и политичките процеси коишто се случуваат изминативе години.

„Ваквите прашања што излегоа на виделина во периодот на раното предизборие и за време на веќе активната предизборна кампања и коишто се однесуваат на повторно создавање на тензии помеѓу етницитетите во Република Македонија, според мене, претставуваат алатка за покривање на недостатоците во програмата на СДСМ. Повторното дефокусирање на јавноста по речиси двегодишната неуспешна негативна политичка кампања за насилно рушење на легитимната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција апсолутно не кореспондираат со правниот систем врз којшто се темелат постулатите на современата Македонска национална држава. Сите компоненти кои ги гледаме во изминатите неколку денови укажуваат на тоа дека беспоштедноста  и немањето сенс за тоа каде треба да биде стационирана Македонија во 21-век и сите аспекти коишто се пропратен елемент и кои се злоупотребуваат со цел да се дефокусира јавноста, а имплодираат на повикувањето на некаква си ревизија на Охридскиот рамковен договор укажуваат не само на основни непознавања на општествено-правните и политичките процеси коишто се случуваат изминативе години по завршувањето на конфликтот од 2001 година, туку и зборуваат за комплетно немање на визија за тоа каква Македонија сакаме да имаме“, вели универзитетската професорка.

Таа посочува и дека преку Уставот и законите се имплементирани сите аспекти на едно функционално мултиетничко општество и апелира да не се злоупотребуваат за дефокусирање на јавноста.

„Желбите и аспирациите на секој поединец во либерално општество се приватна работа и тие можат да се генерираат во рамките на сопствените визии и проекции или да се дебатираат. Но она што е клучно и што македонските граѓани треба да го знаат е содржано во основната компонента којашто ја сочинува Македонската држава, а тоа е нејзината унитарност во која преку уставот и законите на државата, се имплементирани сите аспекти на едно функционално мултиетничко и мултикултурно општество. Повикувам на смирување на духовите во македонската јавност, со цел да не бидат злоупотребени и да не се користи оваа поларизација за нарушување на меѓусебните односи коишто навистина макотрпно се градени  изминатите години и ги навредуваат чувствата на сите македонски граѓани кои навистина лојално се борат да егзистираат и да придонесат за развојот на Република Македонија“, додава Додовска.

СДСМ предвидува реорганизација на локалната самоуправа или како што самите наведуваат на страна 164: „Ќе воведеме политипни општини со различни надлежности, во зависност од големината и изградените капацитети и моќта да генерираат сопствени приходи, или со поделба на надлежностите на задолжителни и изборни“, што најверојатно претставува територијална реорганизација по урнек на Швајцарското кантонално уредување што го ветуваше Заев.

Во програмата социјалдемократите нудат и нов мултикултурен концепт. На страна 188 го промовираат тоа што Заев го кажуваше во врска со воведување на двојазичноста уште од детските градинки: „Ќе воведеме елементи на мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот. Ќе бидат искористени практиките од успешните проекти за овој степен на образование. Ќе бидат стимулирани проекти за мултикултурно дружење и меѓујазична комуникација и во повисоките степени на образованието“.

Официјализирањето на албанскиот јазик и редефенирањето на државата го потврди и кандидатката за пратеничка од СДСМ во шестата изборна единица, Ѓулумсер Касапи, посочувајќи дека во платформата на СДСМ имало и специјална програма за да се тргне прашањето за јазикот од дневен ред.

„Платформата која и јас ја поддржувам, како и принципите кои се поставени силно во предизборната платформа ме убедуваат дека СДСМ, предводен од господинот Зоран Заев ќе ја реализира и ќе ја отстани од дневен ред употребата на албанскиот јазик во Македонија. За тоа сигурно ќе се подготвува и специјална програма која секако ќе биде усвоена во највисоките државни инстанции“, вели Касапи.

Таа додава и дека нејзиниот впечаток е дека другите албански партии, како што карајќи се меѓусебно, не успеале да ги решат прашањата кои се од витално значење за Албанците, давајќи им надеж на гласачите Албанци дека тоа ќе го стори СДСМ.

И според политичките аналитичари тезите на Касапи ја потврдиле намерата за официјализирање на албанскиот јазик. Зад т.н. толеранција и соживот од мали нозе на СДСМ се крие официјализирањето на албанскиот јазик како службен јазик на цела територија, сметаат познавачите.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.