Што се случи ноќеска кај Иванов?

Македонскиот претседателот, Ѓорѓе Иванов, доцна синоќа, ги повикал во својот кабинет на итна средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

За оваа средба македонската јавност дозна од соопштението од Кабинетот на претседателот кое беше лиферувано по завршување на разговорите, околу половина час по полноќ. Тема на дискусија биле актуелните случувања, поттикување помирување и нормализирање на политичките процеси во земјава и согласност разговорите да продолжат и во иднина.

Се разговараше за можни решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните. Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија. Присутните на средбата се согласија разговорите да продолжат и во иднина, се наведува во соопштението на Кабинетот на Иванов.

Но, ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, од СДСМ не објавија информација до јавноста за средбата, и не соопштија што друго таму се разговарало, освен што се договорило Груевски и Заев да продолжат со разговори и во иднина.

Кратко време по средбата кај претседателот на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ се повлече од протестите, и беа деблокирани неколкуте главни сообраќајници низ Скопје, кои претходно беа затворени со возила на демонстрантите. Иако, од најголемата опозициска партија вчера најавуваа дека протестите ќе продолжат и во наредните денови, и дека тие ќе стануваат се’ помасовни, сепак денеска протести пред Кривичниот суд нема. Што во разговорите доби ВМРО-ДПМНЕ од Зоран Заев?

Молк за средбата кај Иванов и од СДСМ, и оттаму нема никаква информација. Оттука се отвора прашањето со што партискиот лидер Зоран Заев ги задоволил своите политички опоненти за тие да ги прекинат протестите и да ги повлечат луѓето од скопските улици. Што во разговорите доби СДСМ од Никола Груевски?

Инаку, повод за свикување на оваа вонредна средба во доцните ноќни часови беше откако МВР вчера, по наредба на Основното јавно обвинителство, приведе 36 лица за насилствата во Собранието од 27-ми април, а на голем дел од осомничените им е одреден притвор во скопскиот Истражен затвор, а на дел, пак, им беше одреден куќен притвор.