Што стана со пријавата на Чавков против Спасовски- предметот 4 месеци е заглавен во ЈОРМ

Четири месеци откако е поднесена кривична пријава против поранешниот технички министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за непочитување судска одлука со која практично му беше наредено да ги врати состојбите (луѓето, канцелариите и документите) како што беа пред да седне во министерската фотелја, државното Јавно обвинителство молчи во врска со овој случај, пишува Дневник.

Имено, Спасовски заработи кривична пријава од тогашниот негов заменик, сега повторно министер, Митко Чавков, оти не ја почитува одлуката на Управниот суд да ја врати првобитната ситуација бидејќи беше констатирано дека разрешувањата тој ги направил незаконски и по партиска линија.

Во врска со ова од ЈО во куса писмена изјава за „Дневник“ велат дека документацијата била обемна.

Во Основното јавно обвинителство – Скопје е поднесена една кривична пријава против лицето што го споменувате за неизвршување судска одлука. Заедно со кривичната пријава е примена обемна документација, која во моментов се анализира, по што ќе следува мериторна јавнообвинителска одлука – велат од ЈО на Република Македонија.

Во врска со донесената судска пресуда, на која Спасовски се жалеше, му било упатено укажување на 25 февруари дека треба веднаш да постапи по правосилните решенија, кои тогашниот технички министер ги игнорира и не ги спроведе.

Поради неспроведувањето на пресудата, Спасовски се товари дека извршил кривично дело по неколку основи. Прво, затоа што постапил спротивно на член 13, ставови 4 и 5 од Законот за судовите во согласност со кој судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган и во согласност со кој секој е должен да ги почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

А постапил и спротивно на членот 5 од Законот за управните спорови во согласност со кој одлуките на судовите донесени во управните спорови се задолжителни и извршни.

Очигледно е дека Спасовски, и покрај политичкиот договор од Пржино лани, врз основа на кој произлегоа неговата функција и надлежностите како технички министер, тогаш не се држеше ниту до договореното, а ги прекрши и споменатите два закони. Недореченостите во првиот пржински договор ја дозволија ваквата состојба.

Веднаш по склучувањето на новиот договор, на 20-ти јули, според кој следниот технички министер може да разреши до 15 луѓе на раководни позиции во МВР и да постави нови, се отвори дилемата како ќе се гарантира, односно санкционира, доколку следниот Оливер Спасовски изврши повеќе од 15 измени?

Очигледно е дека прашањето за евентуалните прекршувања на договореното не се предвидени во документот чиј текст и Европската комисија го објави на својата веб-страница така што и следниот технички министер може своеволно да направи повеќе измени од дозволените и за тоа да не одговара.

Извори во преговорите за „Дневник“ објаснуваат дека овој пат тоа нема да се дозволи бидејќи за евентуалните прекршувања техничките министри ќе одговараат според Законот за Владата. Ваквите ситуации не биле впишани во последниот пржински договор оти тој претставувал само рамка, а законите биле тие по кои се постапувало.