Свет

Сто видни Французинки ја осудија кампањата против мажите

Сто видни Французинки ја осудија кампањата против мажите

Славната актерка Кетрин Денев и уште 99 Французинки ги осудија во вторникот нападите на мажите по низата сексуални скандали во филмскиот свет, велејќи дека кампањата #Meeto против сексуалното насилство претставува „пуританизам“ и дека ја покренува „омразата кон мажите“.

По обвинувањата на сметка на американскиот филмски продуцент Харви Вајнстајн, милиони жени првенствено во САД на социјалните мрежи започнаа да ги споделуваат своите приказни за сексуално вознемирување и злоставување, користејќи го глобалниот хаштаг #Meeto.

„Силувањето е злосторство. Но напорното или трапаво додворување не е злосторство, како што ниту ласкањето не е мачистички напад“, напишаа во колумната објавена во дневниот весник Le Monde стотина познати Французинки, меѓу кои и 74-годишната Кетрин Денев.

Правото на мажите на „додворување“ на жените е клучниот дел од сексуалните слободи, велат потписничките нарекувајќи ја кампањата „пуританизам“.

Актерката Кетрин Денев, како и писателките Абнус Шалмани и Катрин Мије, предупредуваат дека жените коишто нема да се приклонат на бранот обвинувања на насилните мажи се нарекуваат „предавнички“.

„Оваа новобранова правда веќе ги носи своите жртви, мажи коишто добиваат откази. А ним на товар им се ставаат пипкањата на колената, обид за бакнеж, разговор за интимни прашања на деловна вечера или испраќање на пораки со сексуална содржина на некоја жена којашто не почувствувала заемна сексуална привлечност“, истакнуваат тие.

„Го браниме правото на додворување коешто е клучниот дел од сексуалната слобода“, порачуваат познатите Французинки.