Што запленија цариниците во текот на минатата недела?

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, делови за товарни возила, моторцикл, облека, обувки, хидро-масажен базен, ножеви за машини за мелење месо, сензори, сирење и балони.

Задржана е следната стока:

Девизи:

– 31.000 швајцарски франци и 9.500 евра, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.

Devizi1,Bogorodica

Во првиот случај, при контрола на швајцарски автомобил и личен претрес на швајцарски државјанин, кој како патник во автомобилот се пријавил за излез од државата, во ранец  пронајдени се 41.270 швајцарски франци, а во џеб од неговите панталони пронајдени се уште 630 евра, за кои не поседувал потврда за пријавени девизи, издадена од царински орган на влез во Република Македонија. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 10.270 швајцарски франци и  630  евра – противвредност на 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, додека 31.000 швајцарски франци се привремено задржани и е поднесено е барање за поведување на прекршочна постапка.

Во вториот случај, при контрола на полски автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата, во џеб од торба сместена во багажникот на возилото биле пронајдени 15.000 евра, а во преден џеб од фармерките на возачот се пронајдени уште 4.500 евра. Согласно законските прописи на возачот му се вратени 10.000 евра, износ што слободно може да се внесе во државата, додека 9.500 евра се привремено задржани и против возачот е поднесено барање за поведување на прекршна постапка.

Devizi 1,Tabanovce

– 15.000 евра, откриени во три одвоени случаи, при личен претрес на тројца македонски државјани, пријавени за излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, при личен претрес на возач на македонски автомобил, во неговата рачна торба биле пронајдени 10.000 евра за кои не поседувал документ за потекло.

Во вториот случај, при личен претрес на патник во македонски автобус, во паричник пронајден во задниот џеб од неговите фармерки, биле откриени 6.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло.

Во третиот случај, при личен претрес на возач на македонски камион, во џеб од неговите панталони биле пронајдени 5.000 евра за кои не поседувал документ за потекло.

Согласно законските прописи, во сите три случаи на патниците им биле се вратени по 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Во првиот случај привремено се задржани 8.000 евра, во вториот случај 4.000 евра, а во третиот случај 3.000 евра, и против прекршителите се поведени прекршочни постапки за сторените прекршоци.

Моторцикл и автоделови

– 1 моторцикл Piaggio vespa 50 special со италијаниски регистарски таблички, откриен при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македоснки државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Блаце.Моторциклот, пронајден во багажникот на комбето привремено е задржан, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 4 употребувани делови за товарни возила (ламела, плоча за менувач, разводник и цилиндар за спојка), откриени при контрола на босански автомобил, управуван од босански државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица.

Непријавените производи, пронајдени под предните седишта и под тапацирот на багажникот се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Облека

– 438 парчиња облека, откриени во два одвоени случаи, на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај при контрола на српски автомобил управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата,  под совозачкото седиште и во две патни торби и едно најлонско кесе сместени во багажникот на возилото се откриени 350 парчиња машка и женска долна облека.

Во вториот случај, при контрола на турски автобус, пријавен за влез во државата, во патна торба и ранец сопственост на српски државјанин, кој патувал со автобусот, се пронајдени 88 парчиња облека (маици со кратки ракави и фармерки).

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против патниците ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 198 парчиња облека (блузи, џемпери, кошули, хеланки, панталони, тренерки и пижами) и 8 пара обувки (патики и чевли), откриени во куферите на двајца сопружници, македонски државјани, кои пристигнале на скопскиот аеродром Александар Велики со лет од Виена.

Останато:

– 1 хидро масажен базен, 2 сензори за преоптоварување и 51 ножеви за машини за мелење месо, откриени во 3 одвоени случаи на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, при контрола на германски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата,  во внатрешноста на возилото помеѓу личниот багаж е пронајден 1 хидро масажен базен LAY-Z Spa.

Во вториот случај,  при контрола на српски автобус, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата, во куфер сопственост на возачот биле пронајдени 51 метални ножеви за мали индустриски машини за мелење месо.

Во третиот случај, при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата, во картонска кутија сместена помеѓу вториот и третиот ред седишта, биле пронајдени  2 сензори за мерење на оптоварување LOADCELL KGD-5mtr-conn и електроника за приклучување на сензорите.

Senzori,Tabanovce

Во сите три случаи непријавените производи се привремено задржани а против прекршителите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

– 70 килограми тврдо шарско сирење (9 пити), откриени при контрола на косовски автомобил управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Сирењето, пронајдено на задните седишта и во багажникот на возилото, е привремено задржано, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 5.000 балони, откриени при контрола на стока со потекло од Бугарија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.