недела, 30 април 2017  |  Вести денес: 4

Што значи прифаќањето на албанската платформа?

Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера преку шефот на кабинетот на лидерот Али Ахмети, Артан Груби порача дека СДСМ ќе ја добие нивната поддршка откако ќе се согласи за реализирање на сеалбанската платформа од Тирана потпишана од албанските партии.

платформа

Поврзани вести

Груби порача дека ДУИ е отворена за коалиција со СДСМ, но само ако ја прифатат платформата која ја донесоа заеднички албанските партии.

-Не гледам причина зошто да не прифатат. Верувам дека тоа ќе го одразат и не гледам причина зошто ниту еден Македонец да не прифати, бидејќи оваа платформа и помага на социјалната кохезија, граѓанската еднаквост, и е добра за Република Македонија, вели Груби и на прашањето дали мисли дека преговорите ќе можат да завршат брзо, ако постои таков дух, тој додава:

-Ако има конструктивен дух и ако постои подготвеност да се рефлектираат овие потреби, да, апсолутно да“…

Претходно, и БЕСА и Алијансата на Албанците беа експлицитни дека нивната поддршка ќе ја добие онаа партија на Македонците која ќе се согласи да ја реализира платформата.

Ако СДСМ не ја прифати платформата Заев нека не се надева на нашата поддршка за формирање на Влада, вели Движењето Беса во изјава за медиумите кои известуваат на албански јазик. Во изјавата се потенцира дека за поддршката на нивните 5 пратеници, Заев мора да ја потпише албанската платформа

-Ние имаме секојдневна комуникација со СДСМ, но во моментов немаме официјални средби. Ние ќе ја поддржиме СДСМ во формирањето на Владата само ако се прифати албанската платформа. Дали ние ќе бидеме дел од Владата, ќе одлучуваме подоцна, велат од Беса за Тетова Сот.

Идентичен став има и во Алијансата на Албанците. Велат дека се подготвени да ги дадат своите потписи за оној лидер кој ја прифати албанската платформа.

– Господинот Заев може да вети нешто, но гаранцијата за реализација за тие ветувања сме ние, се албанските политички субјекти, вели Села во емисијата „Клик Плус“

-Ви велам законите, а тоа важи и за Заев, истиот став е. Прво Законот за јазик, една работа за да биде поразличен од другиот, би му го дал гласот. Прво Законот за јазикот, а потоа и другите прашања кои се наш приоритет, повтори Села во дебатна емисија на Алсат.

Во СДСМ се уште молк за платформата на албанските партии. Партијата на Зоран Заев одбива јавно да признае дали склучиле договор околу платформата.  Платформата се состои од седум главни точки во кои, меѓу другото, се наведени и следните предлози, односно цели:

  • Албанците да се сметаат како државотворна нација;
  • Употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта;
  • Уставот на РМ да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“;
  • Сеопфатна дебата за знамето, химната и за државниот грб за „државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“;
  • Усвојување на резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година;
  • Формирање државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините;
  • Правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата;
  • Правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции;
  • Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот“, „Бродец“, „Монструм“ и „Куманово“ преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган;
  • Решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право;
  • Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во решавањето на спорот за името;
  • Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција;
  • Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија;
  • Соработка со Косово и со Албанија за интегрирано гранично управување;
  • Отворање на нови гранични премини;
  • Исполнувањето на овие цели ќе се следи преку организирање тркалезна маса на албанските парламентарни партии во согласност со принципот на ротација, која ќе служи како платформа за усогласување на политичкото дејствување и транспарентна комуникација со меѓународните партнери на Македонија.

Голем дел од експертската јавност, меѓу другото, го оквалификува како небулозно и антиуставно барањето за двојазичност на целата територија на државата, со што, како што велат, се промовира еден концепт на бинационалност, што е суштинска спротивност од моделот на мултиетничко општество како еден белег на нашето живеење по кој сме препознатливи во светот.

За политиколозите т.н. платформа претставува сериозен удар врз унитарноста на Република Македонија, нејзиниот уставен поредок, претставува напуштање на воспоставениот граѓански општествен концепт на уредување и враќање на националните позиции од кои се раѓа национализмот.

Во највисокиот правен акт – Уставот, Република Македонија е дефинирана како унитарна држава. Што практично значи тоа? Основните карактеристики на унитарната држава се единствен устав, единствен законодавен дом, единствена централна власт, а единиците на локалната самоуправа имаат свои надлежности и се координираат со централната власт. На државен план меѓународната политика ја води централната власт, постојат единствени вооружени сили, единствен судски систем, единствен економски систем и единствена валута. Ставањето на маса за преговори на овие столбови на карактерот на нашата држава од страна на одредени политички субјекти би значело и велепредавство, анализираше весникот Нова Македонија пред неколку дена.

Од друга страна, бинационалноста во една држава е држава со два етникума, наспроти сите преостанати. Концептот на бинационалност е првиот чекор кон федерализација и одвојување на посебните делови, а со тоа и дисолуција на еден интегрален државноправен концепт. Македонија никогаш не би можела да биде бинационална држава, затоа што во неа живеат повеќе од два народа со различна етничка припадност.

Најчитани вести