Стоичков: Суарез ќе има проблем и во Шпанија

Поранешниот репрезентативец на Бугарија и фудбалер на Барселона, Христо Стоичков, е убеден дека на контроверзниот репрезентативец на Уругвај, Луис Суарез ќе му биде многу тешко и во шпанската Примера дивизион каде ќе има многу непријатели како на зелениот терен, така и во спортските медиуми.

Брзоногиот напаѓач на Ливерпул до крајот на летниот преоден рок ќе биде продаден на каталонскиот гигант, а од неговата продажба, раководните лица на Ливерпул очекуваат заработувачка не помала од 80 мил. евра.

“Гризењето ќе биде голем проблем и во Шпанија. Суарез има веќе досие, ќе биде покажуван со прст до крајот на неговиот живот. Ќе си има голем проблем и во Барселона. Нема да му биде лесно, ќе има проблем со противничките фудбалери, со судиите и со шпанските медиуми. Постојано ќе биде провоциран, медиумите ќе зборат, ќе пишуваат за секоја негова реакција. Ќе биде тензично на секој натпревар. Противничките фудбалери ќе чекаат насилна реакција од Суарез. Луис нема право на нова грешка, но мора да размислува само позитивно”, изјави Стоичков.