Стоилковски: Медиумите и политичарите веќе ја ословуваат државата како Северна Македонија

Последиците од штетниот договор со Грција веќе се чувствуваат, медиумите и политичарите веќе ја ословуваат државава како Северна Македонија, а обврските преземени со договорот се косат со македонскиот устав, се косат со македонската наука, со македонската историја, се косат со македонската идентитетска посебност, истакна на во понеделникот на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Портпаролот на најголемата опозициска партија истакна дека реализацијата на договорот значи сечење на корените на цела нација.

„Бришењето на Македонија и придавките кои произлегуваат од Македонија и од Уставот, се неприфатливи за Македонците кои не се соглсуваат доброволно да бидат избришани и претворени во нова вештачка креатура, нација без корен и посебност. ВМРО-ДПМНЕ како предводник на опозицијата не се согласува со ваков штетен договор и ќе се спротивстави на неговата реализација. Македонските евро и евроатлански интеграции не треба и не смее да бидат поврзувани со договор кој предвидува бришење на македонската држава и народ“, нагласи Стоилковски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека имајќи ја предвид улогата на меѓународната заедница во која Република Македонија има свое место, како партија ценат дека ваквите постапки креираат лажна слика за вредностите кон кои цели и земјата .

„Дотолку повеќе што вакво однесување е во полза на противниците на македонските интеграции, што не е добро за стратешките интереси на Република Македонија. Последиците на штетниот договор Македонците веќе ги чувствуваат, иако тој сѐ уште не стапил на сила. Медиуми, политичари и институции веќе почнуваат да ја ословуваат Република Македонија како Северна Македонија, а граѓаните кои се родиле, живееле и создавале како Македонци, да ги ословуваат како северномакедонци. Веруваме дека решението на проблемот којшто Грција го имаше со нашето име може и мора да биде поправично, а не на штета на македонските национални интереси. Доколку Зоран Коте Заев го искористеше меѓународниот интерес за решавање на проблемот и преговараше мудро без однапред најавена капитулација, тогаш ќе можеше да се најде и поприфатливо подостоинствено решение“, посочи Стоилковски.

Додаде дека договорот што го потпишаа премиерот Заев и Ципрас во Преспа нема поддршката во јавноста.

„Договорот ги крши и Уставот и законите во државата на кој се однесува. ВМРО-ДПМНЕ нема да се поколеба ниту милиметар во своите ставови во однос на овој срамен и капитулантски Договорот за името кој за нас е неприфатлив. ВМРО-ДПМНЕ останува на страната на народот и во одбрана на Уставот, интересите на државата и на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија. Зоран Заев ќе понесе одговорност за антидржавните политики, а Македонија ќе победи“, посочи партискиот портпарол на денешната прес-конференција.