Спорт

Стоилов ги пропушта дуелите со Фленсбург

Стоилов ги пропушта дуелите со Фленсбург

Повредата на коленото која пикерот на Вардар, Стојанче Стоилов, ја доби на дуелот со Хамбург, ќе го оддалечи од терените четири недели. Тоа значи дека тој нема да може да настапи на четвртфиналните дуели од Лигата на шампионите против Фленсбург.

Медицинските прегледи покажаа дека станува збор за фрактура на платото на тибијата, како и оштетување на менискусот.По мирување од четири недели, Стоилов повторно ќе оди на преглед, за да се утврди состојбата на неговото колено.

И покрај тоа што нема да биде во можност да настапи на дуелите против Флензбург, Стоилов е оптимистички расположен за двомечот со германскиот тим.

“Посакував ваков исход од ждрепката, а тоа најмногу го посакуваше и целата екипа на Вардар. Од тоа што досега го прикажаа нашите потенцијални противници, мислам дека Фленсбург најмногу ни одговара. Иако станува збор за германски тим, се надевам дека ќе одиграме квалитетно како и на мечот со Хамбург и ќе се пласираме на фајнал-фор”, изјави Стоилов за официјалниот сајт на РК Вардар.

Крилото на Металург, Гоце Георгиевски, исто така ќе биде надвор од теренот еден месец по повредата заработена на реванш дуелот од осминафиналето во Лигата на шампионите против данскиот Колдинг.

„Лекарските прегледи покажаа дека ќе мора да паузирам максимум еден месец. Се надевам дека ќе се вратам и порано на терените, но сето тоа ќе зависи од текот на опоравувањето. Прегледите покажаа дека не се работи за менискусот, она од што најмногу стравуваме, но има само полесно оштетување на лигаментите на коленото”, изјави Георгиевски.