Стоилов најави жестока битка со Чешка, со или без Лазаров

Знаеме што нѐ очекува против Чешка, но знаевме и против Шпанија, па видовме како испадна. Лошо влеговме во тој натпревар, моментот со Кире малку нѐ пресече, а потоа ни беше тешко да се вратиме, изјави Стојанче Стоилов пред вечерашниот натпревар со Чешка на Европското ракометно првенство во Хрватска.

Стоилов е убеден дека ако одиграат максимално, отсуството на нашиот капитен Кирил Лазаров, поради неговата повреда, може да биде надминато.

„Кога игра Кире и кога не игра, не е исто. Но ако не игра тој, ќе се обидеме и без него. Имаме во репрезентацијата многу искусни играчи кои можат да го понесат тој товар и мислам дека имаме реални шанси за Чешка. Мечот со Чешка за нас е како финале, треба добро да се подготвиме, да го вратиме духот кој нѐ красеше во првата рунда, да играме подобра одбрана, да се враќаме, да се бориме и тоа ни е шансата. Мислам дека играта на Чешка малку е сменета од таа во квалификациите, сега играат поискусно, имаат поцврста одбрана. Последниот натпревар ги победивме убедливо, но тоа не е мерило, ова е друг натпревар, притисокот е поголем. Како што реков, можеме да ги победиме и без Кире, но за тоа треба да дадеме 200 отсто, да одиграме грантина одбрана и да постигнуваме лесни голови“, додава Стоилов.

Натпреварот меѓу Македонија и Чешка е на програмата вечерва со почеток од 20,30 часот.