Стоипедесетипет годишнина од раѓањето и стогодишнина од смртта на Коста С. Шахов: Основоположник на македонската журналистика

Во издание на библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид и друштвото „Базилика“ од Мешеишта –Дебарца излезе од печат книгата „Коста Шахов Публицистика“ на проф д-р Томе Груевски, професор по комуникологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Оваа студија за Шахов опфаќа повеќе поводи и датуми што се поклопуваат со оваа 2017 година, од областа на историјата на македонскиот печат и новинарство. Со овој труд ќе бидат одбележани стоипедесетипет годишнината од неговото раѓање, на 6 јули 1862 година во Охрид и сто годишнината од завршувањето на животот на Коста Шахов, на 15 август 1917 година во Софија. По тој повод во Охрид, на овој датум ќе биде организирана промоција на трудот.

Коста Шахов од Охрид е неодминлив деец во македонската национална и културна историја кој е заслужен во неговата работа на полето на новинарството во втората половина на деветнаесеттиот век и првите две децении на дваесеттиот век.

Тој се појавува како сопственик или како главен и одговорен уредник на 11 весници. Освен весникот „Македонија“ (1888-1893), Коста Шахов ги издавал и весниците: „Дневни Новини“ (1890), „Странник“ (1891), „Глас македонски“ (1893-1898), „Борба за слобода на Македонија и Одринско“ (1899), „Балкански ек“ (1900), „Македонија“(1902), „Борба“ (1905), „Софиски новини“, (1906), „Македонија“ (1908-1912), „Балканска зора“ (1912). Но, со тоа не се исцрпува неговата новинарска дејност. Шахов, исто така, соработувал во многу други весници, како што се: „Реформи“ (1899), „Дебарски глас“ (1909), „Дебар“ (1905) и др., а, исто така, и во списанието „Лоза“ (1892).

Тој е најактивниот македонски публицист од втората половина на XIX век и првите две децении на XX век. Се разбира, Коста Шахов со неговото журналистичко дело е рамо до рамо со Ј. Х Константинов Џинот, со Рајко Жинзифоф, Димитар Василев Македонски, Стефан Јакимов Дедов, Арсениј Јовков и другите македонски дејци, публицисти и литературните раскажувачи од своето време.

Личноста и делото на публицистот и раскажувачот Коста Шахов, се типичен модел во проучувањето на развојни процеси, и состојби, на автори и дела на кои македонската наука сè уште не им посветила соодветно внимание. „Целокупното дело на Шахов, како што истакнува авторот Томе Груевски, претставува посебно значајна алка на извонредно многу попречуваниот македонски национален развој. Не занемарувајќи ги претпоставките за недоволното внимание кон Шахов од страна на македонската наука, наспроти неговата извонредно значајна улога во македонскиот национален развој, потребно е натамошно проучување кое ќе се стреми кон синтеза на вредностите на Шахов на повеќе рамништа, но секогаш толкувани и вреднувани од позицијата и со мерилата на неговото време“.

Коста Шахов е и книжевен деец и тоа е посебно поглавје во историјата на македонската литература од крајот на XIX век и првите две децении на XXвек. Проследувајќи го развојот на македонската проза од почетокот на XIX век, и низ споредбени интенции доаѓаме до современиците на Шахов од редот на македонските литературни творци: Евтим Спространов, Атанас Раздолов, Христо Калчев, Васил Пасков, Никифор Попфилипов, Петар Стојков и уште некои други творци и на оваа „поприлично затемнета епоха и развојна етапа од македонската литературна историја“. Натамошни доистражувања и синтези на овој план би биле интересен прилог кон задоцнетите но нужни дорекувања на македонската литературна наука.

Коста Шахов беше соборец со највидните револуционери и дејци на Внатрешната македонска револуционерна организација: со Гоце Делчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров, Иван Хаџи Николов и др., а неговиот весник „Глас македонски“ (1893) на почетокот беше и орган на Организацијата.

Коста Шахов од Охрид се вклучил во движењето на македонските интелектуалци кои се бореле за афирмација на македонската национална индивидуалност; еден од духовните двигатели на македонското национално чуство во последните децении на XIX век и прв претседател на Младата македонска книжевна дружина во Софија, автор на нејзиниот Устав и Правилник и активен соработник на „Лоза“ и уредник на плеада весници. Како основач и претседател на Дружината (ММКД), тој ги запознава двајцата македонски револуционери (јули 1893): Иван Хаџиниколов, главен иницијатор за основање на Македонската револуционерна организација (MPO, BMPК), и Гоце Делчев, најистакнатиот нејзин организатор и идеолог, потоа. Коста С. Шахов, исто така, е и сред основачите на Македонскиот комитет, основан во Софија во 1895 година, заедно со првиот претседател Трајко Китанчев. Коста Шахов континуирано се залагал за решавање на Mакедонското прашање преку создавање на македонска самостојана држава и покрај двојството кое го дозволува и е видливо во објавените прилози во неговите весници.

Тој е виден македонски деец и со својата публицистичка активност, еден од зачетниците на македонското новинарство, литературен раскажувач со многубројни објавени творби, македонски патриот и национален деец, револуционер, интелектуалец, публицист, општественик, непосреден учесник во градењето на лозарската идеологија. Завршил правни науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ во 1894 година и потоа работел во Русенскиот окружен совет и Русенската околиска управа, а потоа работел во Апелациониот суд во Русе.

Константин (Коста) Стефанов Шахов е роден на 6 јули 1862 година во Охрид, а починал на 15 август 1917 година во Софија. Живееше 55 години и два месеци, „преполни со успеси и падови и горчини што не се успеало во многу работи“. Но неговиот живот и делото оставија трајни белези и заслуги во македонската културно национална историја.