Стојаноска: СЈО е димна завеса за прикривање на антидржавните дејствија на СДС

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СЈО е димна завеса за прикривање на сите антидржавни дејствија на СДС.

-СЈО има за цел целосно да ја дефокусира јавноста од негативната политика на СДС и да создаде негативна слика кај граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери. СЈО во предизборниот период неосновано и правно неаргументирано ја напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи простор СДС и криминалците од врвот на таа партија да изгледаат прифатливи за јавноста, во ситуација во која сите политички ликови од ВМРО-ДПМНЕ неосновано ќе бидат оцрнети, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа кажа дека токму затоа СЈО излегуваше на безброј драматични прес-конференции, во кои обвинуваа и најавуваа обвиненија кои се целосно неосновани, правно неаргументирани и без елементарни докази. Ефектот кој сакаа да го постигнат беше креирање на негативна слика во јавноста за ВМРО-ДПМНЕ, преку медиумите под контрола на СДС, кои во хор ги пренесуваа политички нарачаните пресови и најави за истраги на СЈО.

-На сите граѓани на Република Македонија им е совршено јасно дека СЈО не постапува согласно Устав и закон, туку исклучиво врз база на политички нарачки. СЈО не ја постигна изворната цел на своето постоење, да утврди кој, како и зошто снимал во Република Македонија. СЈО ги ослободи од обвинение Заев и Верушевски, кои две и пол години ја држеа државата во заложништво и извршија низа криминални престапи. Сега се обидуваат да им го легализираат и криминалот што го направија. Незаконски следените, а потоа монтирани разговори под политички притисок сакаат да ги легализираат и да испратат порака дека Заев и Верушевски не може да бидат сопрени во хаосот што го креираат, изјави Стојаноска.

Стојаноска вели дека смислата на постоење на СЈО се изгуби, СЈО се претвори во алатка за политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ. Обвиненијата кои СЈО ги процесуираше немаат врска со правото и претставуваат политички монтирани процеси.

-СЈО и сите прекршители на законите мотивирани или принудени од СДС, треба да знаат дека по враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат ревидирани и исправени сите незаконски одлуки. Со враќањето на правната држава и демократијата во Република Македонија сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. За криминалите и антидржавните дејствија кон државата и нејзините граѓани мора да има соодветни санкции, изјави Стојаноска