Стојаноски: СЈО е политичко обвинителство под контрола на СДСМ

Сите отворени случаи од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како што се „Таргет“, „Тврдина“, „Триста“, „Титаник“, „Траекторија“, „Тенк“, „ТНТ“, „Транспортер“, „Тендери“ и другите, во целост се политички конструкции кои немаат допирна точка со правото, изјави во неделата пред споменатото обвинителство Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Обвиненијата за овие отворени случаи се без никакви докази, со цел да се врши политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ инспириран од СДСМ. СЈО се обидуваше со пари да дојде до лажни изјави со цел да ги поткрепи монтираните случаи. Таму каде што не можеше да поткупи, СЈО се служеше со заплашување и закани врз лицата за да потврдат нешто што не се случило никогаш“, обвини Стојаноски.

Според него, СЈО имало само една задача, односно да истражува и обвинува за непостоечки случаи, кои ги измислувал премиерот Зоран Заев.

„Ова нема никаква врска со правото туку исклучиво со политика. СЈО е обична политичка алатка која има ограничен рок на траење“, констатираше Стојаноски.

Потсети дека според законот за СЈО, согласно член 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, ова обвинителство „за селективен прогон“ не смее да води истражни постапки по истекот на 18-те месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.

„Секој нов прогон и тормозење кој СЈО ќе го врши врз граѓани, членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде противзаконски и ќе биде основ за одговорност на вработените на СЈО“, порача Стојаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.