Стојаноски: СЈО како партиска испостава на СДСМ работи непрофесионално и необјективно

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) заборави на обврските да поднесе извештај пред граѓаните за сработеното, а обвинителката Катица Јанева и нејзиниот тим се расфрлаат со четири милиони евра годишно, пари на граѓаните и како што минува времето, така на површина се повеќе излегува непрофесионалното, незаконско и необјективно постапување на СЈО, изјави во вторникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски го повтори и денеска ставот на партијата дека СЈО е „инструмент во рацете“ на СДСМ за вршење притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и оти целта на постоење на ова обвинителство е сао креирање материјали за оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите отворени случаи од СЈО се политички конструкции кои немаат допирна точка правото. Обвиненијата по истите се крајно неаргументирани, со цел да се врши политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ инспириран од СДС“, рече Стојаноски.

Тој ја обвини челничката на СЈО, Катица Јанева, дека заедно со нејзиниот тим не само што го претвориле обвинителството во партиски огранок на владејачката СДСМ, туку и вработуваат симпатизери, внуци, роднини и нивни пријатели за сметка на Буџетот на државата.

„СЈО не работи ниту професионално, ниту неселективно, туку претпочита партиска работа, политички активизам и роднински непотизам“, заклучи Стојаноски.

Според него, граѓаните сфатиле дека целта на СЈО е само една политичка партија, односно стотина лица од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, чиј „грев“ како што рече Стојаноски, е единствено што останале со народот и се единствениот бедем за одбрана на државата.

„Затоа го потсетуваме СЈО да почне да работи согласно закон. СЈО е должно сите нелегално прислушувани материјали веднаш и без исклучок во законска процедура да ги уништи и за уништувањето на материјалите да состави записник. Неуништувањето и нивното чување, поседувањето и користењето, преставува груба и сериозна злоупотреба на службената должност и е казниво согласно закон. Истите единствено може да се употребуваат за уцени на граѓани и бизнисмени“, порача претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски рече и дека Јанева и нејзините соработници се чуствуваат во моментов моќни и недопирливи претпочитајќи дека премиерот Зоран Заев „вечно ќе владее“, но посочи дека „реалноста не е таква“.

„Зоран Заев ќе ја загуби власта и ќе се врати правната држава, а секој ќе сноси одговорност за незаконското работење“, повтори Стојаноски.