Стојановска-Стефанова: Со ребалансот на Буџетот се скратија средствата и надежите за развој и континуитет во образованието

Иднината на Република Македонија се младите и нивното квалитетно образование. На стартот на учебната година, ние на сите ученици им посакуваме одличен успех, а особено на првачињата, лесно совладување на новите знаења и образовни предизвици, изјави на денешната прес-конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стојановска-Стефанова.

„Ја известуваме јавноста дека во насока на создавање на подобра образовна политика и иницирање на предлози и проекти кои ќе го подобрат образовниот систем, ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на избор на членови на комисијата за образование и наука која активно ќе ги следи сите прашања поврзани со образованието на младите и онаму каде што ќе оцени преку својата пратеничка група, а секако во иднина и преку советничките групи, ќе понуди и конструктивни предлози и идеи за подобрување“, истакна Стојановска-Стефанова.

Посочи дека комисијата со својата работа долгорочно ќе се потруди да биде коректив на власта во оваа сензитивна сфера, каде се гради иднината на децата.

„Главна карактеристика на владите на ВМРО-ДПМНЕ беа работа, инвестиции и градба. Резултатите го говорат тоа. Владата која што беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ за овие десет години изгради 74 нови училишни објекти, а реконструираше 400. Во делот на стандардите на наставничкиот кадар, највисоката плата на наставниците за време на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година во однос на 2016 година порасна за 67 отсто, а за 119 проценти е зголемена најниската плата на наставниците. Во 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ го презеде владеењето, Министерството за oбразование и наука наследи буџет од 13 милијарди денари, а додека, Владата на СДСМ во 2017 наследи буџет во висина од 23 милијарди денари. Ова покажува дека зголемувањето на буџетотдостигнало рекордни 86 отсто за инвестиции во овој сектор“, потенцираше Стојановска-Стефанова.

За жал, рече таа, свежи се сеќавањата за неразвојниот и непродуктивен концепт на ребаланс на буџетот, кој го предложи министерството за финансии и за кој се очекува да го забави развојот на економијата и да предизвика нејзина целосна стагнација.

„Со ребалансот средства беа скратени и во клучниот ресор образование и наука и тоа: 25.000.000 денари помалку за изградба на основни училишта, 8.000.000 денари помалку за реконструкција на основни училишта, 15.000.000 денари помалку за изградба на средни училишта, 7.000.000 денари помалку за реконструкција на средни училишта, 105.240.000 денари помалку за изградба на училишни спортски сали во oсновните училишта, 5.000.000 денари помалку за опремување лаборатории, 20.000.000 денари помалку за проект за превод на книги од реномирани автори, 9.100.000 денари помалку за професионален развој на воспитно образовниот кадар, 31.000.000 денари помалку за спортски објекти предвидени во програмите за млади и спорт, и други кратења од Буџетот беа предвидени со овој ребаланс и со неговиот неразвоен концепт кои што се однесуваа на суштински и значајни сфери“, истакна Стојановска-Стефанова.

Посочи дека со ребалансот на Буџетот, владата на премиерот Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски не само што ги скратија само средствата, туку ги скратија и сите надежи за развој и континуитет во сферата на образованието.

„ВМРО-ДПМНЕ очекува дека на стартот на новата учебна година, и покрај огромните кратења на средства во овој ресор образование, сепак дека Владата да изнајде начин и да создаде услови основните и средните училишта и во новата учебна година нормално и непречено да ја вршат својата работа до крајот на учебната година, а притоа да се запази квалитетот на наставата и ученичкиот стандард“, истакна Стојановска-Стефанова.