Стојчевски потпишува со Дрот

Македонскиот репрезентативец Никола Стојчевски ќе го менува клубот од следната сезона, но ќе остане во Шведска.

Средниот бек, кој во август ќе полни 31 година потпиша, од Редбергслидс ќе замине во Дрот, на едногодишен аранжман.

Дрот беше шампиион на Шведска во 2013 година и настапуваше во ЛШ наредната сезона, но во сезонава којашто заврши драстично падна и се пласира на 10-то место меѓу 14-те екипи во Елитсериен. Она што е интересно за нас е еуфоријата и ентузијазмот со кои раководството на Дрот го пречека Стојчевски.

“Среќен сум што Никола потпиша за нас. Тој е токму играч каков што ни треба, некој којшто може да ја контролира играта и да ги води останатите. Тој е искусен и квалитетен. Има добар шут и остро око за играта околу него. Никола ќе биде атракција во ‘Халмстад арена’, мислам дека тој е трансфер од соништата за нас”
, изјавува спортскиот директор на Дрот, Клаес Андерсон.

Стојчевски својата кариера ја почна во Преспа, три сезони играше во Вардар, две во Металург, а имаше и меѓународна кариера во Хрватска и во Романија, пред во 2013 година да потпише за Редбергслидс. За македонската репрезентација има 22 одиграни меча, но нема настап од јануари 2014 година, кога мораше пред време да го заврши ЕП во Данска, поради повреда.