Столтенберг: НАТО е подготвен да го заштити секој свој сојузник

НАТО е подготвен да го заштити секој свој сојузник од било каква закана, без разлика од каде таа доаѓа. Ова го изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг пред почетокот на денешната еднодневна средба на министрите за одбрана од земјите-членки на НАТО.

Тој истакна дека одлуките кои ќе бидат донесени денеска имаат голема важност за зајакнување на заедничката заштита и зголемување на стабилноста во Алијансата.

– Сега се решителни моменти за Европа и светот, кога ситуацијата во Украина се влошува, Русија продолжува да не ги почитува меѓународните правила и да ги вооружува и обучува бунтовниците, а во Африка и на Блискиот исток се шири бруталноста, нагласи Столтенберг.

Генералниот секретар објасни дека НАТО ќе ги прилагоди своите сили кон оваа променета ситуација, за да може да се справи со предизвици од секој правец.

– Ќе донесеме решение за зголемување на нашата борбена готовност, ќе ја определиме бројноста на силите за брзо реагирање, а очекувам да се усвои и одлука за оспособување на командни и контролни центри во шест држави на НАТО, а тоа се Бугарија, Романија, Полска, Литванија, Летонија и Естонија, додаде Столтенберг.

Според него Русија е одговорна за ситуацијата на Крим и во источниот дел на Украина, повикувајќи ја да не им дава поддршка на бунтовниците, да ги почитува договорите од Минск и да го искористи целото свое влијание за прекин на насилството.