Македонија

Столтенберг: Сите да работат на смирување на состојбата

Столтенберг: Сите да работат на смирување на состојбата

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, попладнево испрати порака со сочувство до семејствата на загинатите и повредените во анти-терористичката операција на македонските безбедносни сили што изминатите два дена се случуваше во Куманово, јави дописникот на МИА од Брисел.

Посочувајќи дека го следи развојот на настаните во Куманово со голема загриженост, Столтенберг го изрази своето сочувство до семејствата на оние кои беа убиени или повредени.

– Важно е сите политички лидери и лидерите на заедниците да работат заедно за да се врати мирот и да се спроведе транспарентна истрага за да се утврди што се случило. Ги повикувам сите да се воздржат и да се избегнува понатамошна ескалација во интерес на земјата и на целиот регион, посочи Столтенберг.

Реакцијата на генералниот секретар на Алијансата доаѓа два дена од отпочнувањето на анти-терористичката акција на македонските безбедносни сили во реонот на Куманово, која заврши денеска со целосно разбивање и елиминирање на терористите.