Столтенберг: Вратата на НАТО е отворена, но мора да се реши прашањето за името

Има се’ уште место за повеќе знамиња пред седиштето на НАТО, вратата на НАТО е отворена за Македонија, но има уште работа што треба да се сработи, тоа значи да се реши прашањето за името на земјата, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во обраќањето пред пратениците.

„Добро е да се биде амбицизен, но важно е и да се биде реален, има уште работа што треба да се сработи. Тоа значи решавање на името на вашата земја, ова е прашање кое му тежи на регионот и земјата веќе предолго време. Ја поздравувам волјата на Владата да се реши ова прашање. Охрабрен сум од неодамнешниот напредок и ве поттикнувам да да ја искористите оваа шанса да се придвижите напред“, рече Столтенберг.

Во присуство на државниот врв и претставници на верските заедниците, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од собраниската говорница ја пофали Македонија за напредокот и реформите за кои рече дека ја отвораат можноста за полноправно членство во Алијансата.

Како што нагласи Столтенберг, настаните од 27-ми април биле шок за него и за земјите членки на НАТО, но исто така бил импресиониран од напредокот постигнат од тој датум наваму.

„Настаните во април во оваа сала ме шокираа и мене и членките на НАТО, но импресионирани сме од напредокот последните девет месеци, од создавањето на нова, инклузивна политичка култура“, рече генералниот секретар на НАТО.

Ја поздрави и транспарентноста, судските реформи и Планот 3-6-9 на Владата, но рече дека истото мора да продолжи. Воедно ги поздрави усвојувањето на Законот за употреба на јазицитеи Договорот за добрососедство со Бугарија, а ја пофали Владата и за подобрените односи со соседите. Ја потенцираше улогата на опозицијата како „многу важна“ која треба да ја следи и да ја коригира Владата, а за граѓанското општество рече дека треба да продолжат да даваат помош во реформите.

„Алијансата сака да ве види на масата. Преминувањето на прагот бара сериозна работа. Бидете транспарентни со нас за реформите, ние ве поддржуваме и ќе помогнеме колку што можеме. Вратите на НАТО се отворени. Претворивте држава на реална можност од една нестабилна држава, за нова просперитетна држава. Вие ја иате и визијата и алатките“, рече Столтенберг.

Посочувајќи го примерот со членството на Црна Гора во НАТО, Столтенберг рече дека има простор за уште знамиња пред седиштето на Алијансата, алудирајќи дека Македонија има реална шанса да стане полноправна членка на Алијансата

Во своето обраќање тој потенцираше и дека земјите членки го препознаваат новиот ентузијазам и сакаат Македонија да успее. Ја поздрави волјата на Владата за решавањето на спорот со името, но рече дека освен тоа, потребно е да се продолжи со работа, бидејќи Алијансата како што рече тој, споделува и исти вредности и принципи.

Порача дека аспирантите мора да покажат дека ги споделуваат вредностите на НАТО, Македонија да истрае на патот кон реформите. Тој го поздрави усвојувањето на планот 3-6-9, усвојувањето на Законот за јазиците, ратификацијата на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и нотираше важниот напредок за транспарентност и надзор на службите за разузнавање.

Изрази надеж за напредок во однос на реформите во изборите, медиумите и поголема транспарентност на финансиите.

Столтенберг побара имплементирање на реформите за слободна, демократска и земја која го почитува владеењето на правото и да се инвестира во одбраната.