Столтенберг: Забележано зголемено присуство на Русија во Западен Балкан

Столтенберг

Тој на прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Алијансата, на прашањето колку се зборувало за влијанието на Русија на Западен Балкан, истакна дека нема конфликт со Русија, но дека верува во правото на суверените нации да одлучуваат за својот пат и иднина.

Видовме зајакнато присуство на Русија и во Западен Балкан. Нема да одговориме на руската пропаганда со пропаганда, туку со отворена дебата, бидејќи веруваме дека на долги патеки аргументите и вистината ќе надвладеат, рече Столтенберг.

Тој изјави дека ги видел извештаите во врска со вмешаноста на руски државјани во инцидентите во Црна Гора за изборниот ден.

Властите во Црна Гора ова го истражуваат и Србија помагаше во собирањето на фактите во врска со инцидентот, наведе Столтенберг.

Тој порача дека верува во отворено, слободно, демократско општество, порачувајќи дека реформите и модернизирањето на безбедносните институции ќе ги зајакнат земјите од Западен Балкан.

Тоа ќе биде најдобар начин тие да бидат подготвени да се штитат од надворешни мешања, рече Столтенберг.

Тој нагласи дека Црна Гора покажала колку може да се постигне преку евроатлантските интеграции и го поздрави фактот што 15 членки веќе го ратификувале Протоколот за пристапување на Црна Гора.

Но во регионот напредокот е во застој и видовме назадување во реформите, така што мораме да сториме повеќе за да ги поддржиме реформите и стабилноста со повеќе политички дијалог, повеќе практична соработка и поблиска соработка со Европската унија, бидејќи стабилноста на Западен Балкан носи повеќе безбедност во Европа, додаде Столтенберг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.