недела, 23 јули 2017  |  Вести денес: 52

Стопанска комора: Алармантна состојбата во металската индустрија

Редуцирано е производството во металската индустрија, а значителен пад, од речиси една третина, бележи и извозот. Тоа, како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, ќе се одрази врз вработените.

комора

Поврзани вести

Според претседателот на Здружението на металургијата Митко Кочовски, лани, заклучно со ноември, производството на руди и метали евидентира пад од осум отсто, а само на метали 11 проценти.
Бројките се поразителни. Само во ноември 2016 производството на основни метали е намалено за 20 отсто во однос на истиот месец 2015 година. Значително е намален и извозот, 26 проценти или безмалку една третина. Во периодот јануари – октомври бил 384 милиони долари за разлика од реализираните 519 милиони во истиот период 2015. Нормално, ова намалување на производството и на извозот, повлекува намалување и на вработените, истакна Кочовски.
Негова оценка е дека покрај светските прилики кои силно влијаат на металската индустрија, состојбата дополнително ја усложнуваат и одредени внатрешни системски решенија. -Сака ли државата да има индустрија за метали? Не бараме непринципиелна поддршка, некој да ни ги реши проблемите внатре, туку јасна визија за тоа каде ќе се движи секторот. Да се изготви студија по примерот на долгорочните стратегии за енергетскиот сектор, да се решат проблемите со сопственоста на земјиштето кое се води како општествено и да се реши водоснабдувањето, напомена Кочовски.
Осврнувајќи се на состојбите по комбинати, информира дека производството на Фени е преполовено, Макстил работи со половина капацитет, Бучим не го прекинува производството зашто двојно ќе го чини ако треба да рестартира, а Арчелор митал е за нијанса подобар. Исклучително незавидна, додаде, е и ситуацијата со леарниците.
Во Дојран стил моментно се реализира инвестиција која ќе овозможи зголемување на производството. Нешто подобра е ситуацијата и во двете фабрики за цевки, во Куманово и во Кавадарци, посочи претседателот на Здружението.
И покрај уверувањата од надлежните дека ќе бидат сериозно разгледани и решени проблемите во металургијата со пакет мерки, од тоа, потенцира Кочовски, брзо се отстапи и се се претвори во јалова  дискусија.
Тој укажа и на проблемите со еколошките дозволи, подвлекувајќи дека и кога капацитетите не работат загадувањето е многу високо, како и со немањето доволно стручен кадар.

Најчитани вести