Стопанска комора го менува системот на работа

Стопанска комора на Македонија денес ја официјализира соработката со Виенскиот економски институт и најави суштински промени во работењето.

Како што рече претседателот на Комората Бранко Азески, досегашната филозофија на површински критики за одредени состојби се менува во сосема поинаква фаза – нудење решенија кои ќе бидат подобри од постоечките, но и засновани на научни истражувања, како и на компарирање на искуството на истражувањата со реалните проблеми.

– Ова се нашите сет мерки за излез од ситуацијата од која не сме задоволни. Стопанска комора е стигната до преломна точка и мора да направи исчекор – промена во филозофијата на работењето. Сметаме дека на ваков начин, со научно-издржани анализи и истражувања, ќе придонесеме надлежните да дојдат до правилна оценка за одредени состојби, а со тоа и да донесат правилни решенија кои ќе го поттикнат бизнисот, напомена Азески во обраќањето пред стопанствениците.

Воедно посочи дека во време кога силно се зборува за присуство на странски инвеститори во земјава, треба да се знае дека и Македонија има компании кои отвораат производствени капацитети надвор од државата. Тоа беше вовед во презентацијата на фирмите – членки на Комората кои располагаат со компании во странство, пример кој, како што потенцира Азески, треба да го следат и останатите бизниси.

Тој најави дека Стопанската комора во април догодина ќе биде домаќин на еден од најголемите собири на Балканот, на кој ќе стане збор за позицијата на малите земји во меѓународната економија, тема што досега не е разгледувана.

– Инфраструктурните и сите други процеси кои можат да ја зголемат конкурентоста на балканската економија, мора да базираат на гласот на приватниот сектор, не само на политичките елити, рече Азески, потсетувајќи дека извозот е најбитен за успешно стопанство, а тоа го повлекува прашањето на конкурентноста.

Пред присутните стопанственици претседателот на Комората информира дека минатата недела во Будва е формиран т.н. Инвестициски коморски форум преку кој треба да се разрешат прашањата како што е немањето заднички регионален производ или заеднички настап на трети пазари.