Стопанска комора: Македонија не прифаќа замена за тутунот

Македонија нема да прифати замена на тутунот со друга земјоделска култура ако претходно научно и практично не се докаже дека нејзиното одгледување би било исто толку исплатливо, профитабилно, но и соодветно од аспект на специфичните климатски, почвени и агро услови.

Како што беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија, државата останува на овој, непроменет став во однос на барањата на Светската здравствена организација (СЗО) и повторно ќе го изнесе на претстојниот состанок на работните групи во Индија.

Според оценките на Комората, активностите на СЗО ќе имаат делумно влијание во малку подолг период, но засега очекувањата за македонската тутунска индустрија се стабилизирано производство со помали осцилации зависно од барањата на откупните компании, подобар квалитет и ист број производители кои ќе бидат во можност да го зголемат производството.

– Македонија нема да прифати замена со друга земјоделска култура според предложените методологии и пилот проекти зашто тие во целост не можат да гарантираат егзистенција на околу 40.000 семејства како што моментно овозможува одгледувањето на тутунот. И натаму инсистираме на неприфаќање на која било методолгоија што не гарантира сигурност и профитабилност за фармерите. Исто така, пред да бидат дефинирани условите и методологијата за замена на тутунот со друга култура, треба да се земат предвид климатските услови во различните области во кои тутунот се одгледува. Зависно од климатските и агро условите, не е можно одгледување иста култура, истакна Васко Ристовски од Комората.

Во Македонија од тутунот моментно егзистираат околу 40.000 семејства. На некои тоа им е основен, а на други дополнителен приход. Трошоците за садење се ниски, а откупот и субвенциите се гарантирани. Затоа, подвлече Ристовски, секоја замена на тутунот со друга култура треба да се разгледува од економски аспект, во однос на порастот на трошоците за садење, исплатливоста, профитабилноста.

– Ниту една друга култура не може без дополнителни трошоци да обезбеди егзистенција за овие семејства. Тутунот се сади главно во сушни региони што е дополнителен проблем, односно сериозна инвестиција ако се замени со друга култура. Алтернативните култури бараат доплнителни средства и за маркетинг, промоција, како и за едуцирана работна сила. Која било методологија или предлог за замена на тутунот, мора да бидат научно и практично потврдени како исплатливи, да гарантираат сигурен профит за фармерите, објасни Ристовски.

Годинава, тутунот постигна извонредно висока откупна цена, 185 денари за килограм, или 58 отсто повеќе во однос на ланската од 117 денари. Квалитетот беше одличен, но реколтата отстапи за 25 до 30 проценти во однос на очекувањата на компаниите чии проекции беа 24.000 тони. Откупени се 19.000 тони или 24 отсто помалку од претходната реколта. Беа склучени и 6.000 договори помалку од лани поради намалената побарувачка.

– Насеани беа вкупно 14.127 хектари, но од нив се добија 18.950 тони тутун наместо очекуваните 25.700 тони или 24 проценти помалку од претходната година, а се склучија 24.854 договори со десет откупни компании. Сепак, производството се стабилизира во однос на количина, цена, површина, договори и во наредниот период веројатно ќе изнесува 20.000 до 25.000 тони. Очекуваме и бројот на договори да остане на ова ниво, како и да не се промени бројот на производители, а производството да се зголеми, рече Ристовски, додавајќи дека за успешно завршување на оваа реколта се потребни околу 76 милиони евра, 57 милиони за откуп на тутунот и уште 19 милиони евра субвенции.

Во 2015 година македонскиот извоз на ферментуиран тутун и цигари беше 23.971 тон или четири отсто помалку од 2014 година при што беа остварени 106,7 милиони долари или 28 отсто помалку од 2014-та.