Стопанска комора и МЖ бараат деблокада на Солунското пристаниште

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески и генералниот директор на Македонски железници – Транспорт Никола Костов испратија ургентен допис до повеќе грчки институции, како и до евроамбасадорот во земјава Аиво Орав за нивно соодветно вклучување за итно разрешување на состојбата со блокадите во Солунското пристаниште, пренесува МИА.

Како што соопшти денеска извршниот директор на Комората, Јелисавета Георгиева, од штрајкот на пристанишните работници во Солун, но и на железничарите, штети трпи целото македонско стопанство.

Според најавите од грчка страна, рече Георгиева, се очекува блокадите да завршат утре и пристаништето да почне со нормална работа од среда.

Македонските компании бараат алтернатива, главно преку Бургас и Варна на Црно Море, преку Драч, како и преку Бар и Риека каде веќе е пренасочен дел од стоката, но ваквите опции се три пати поскапи.

– И во овој момент, додека трае оваа прес-конференција, голема е неизвесноста околу блокадите на Солунското пристаниште поради штрајкот. Нашите членки, вкупно 650, кои беа анкетирани, се децидни дека ваквата состојба предизвикува огромни штети врз целото стопанство, истакна Ѓеоргиева.

Според неа, блокадите ќе се одразат врз стопанството во целина, врз давателите на услуги во сувоземниот сообраќај (железничкиот превоз и камионскиот превоз), како и врз посредниците во областа на прометот (штедитерските компани и логистичките оператори).

Засега директните штети на МЖ Транспорт од блокадите на пругата Скопје – Солун, како и од нефункционирањето на Солунското пристаниште се проценуваат на околу три милиони евра. Но, претпријатието брои и индиректни штети, од нереализираните договори.

– МЖ – Транспорт за овие три месеци неработење е во катастрофална состојба. Се бори и ги разгледува сите опции за преживување. Но, штетите допрва ќе се почувствуваат, најмногу во вториот дел од годинава. Ако блокадите на Солунското пристаниште продолжат, не е исклучено загубите да достигнат пет милиони евра, истакна Костов.

Штетите, додаде директорот, ќе се одразат севкупно, врз одржувањето на возниот парк, исплатата на плати,.., а доведени се во прашање и склучените договори со деловните партнери.

Според него, во моментов Коридорот 10 практично не работи зашто пругата Битола – Лерин не е завршена. Поради тоа е можно Македонија да биде заобиколена преку Коридорот 4, а со тоа и заборавена на картата на железницата во ЕУ. – Кога еднаш ќе ја изгубите довербата, многу тешко можете да ја вратите, посочи Костов.

Како што истакна Ѓеоргиева, одговорајќи на новинарско прашање, македонските компании се уште ги пребројуваат штетите и рано е да се каже дали ќе бараат какво било обесштетување од пристаништето во Солун.

Македонски железници од 20 март до денеска е тотално блокирано. Железничкиот превоз на релација Идомени – Гевгелија не функционира. Покрај загубите што ги трпи претпријатието, штети чувствуваат и компаниите од речиси сите сфери, кои користат транспорт.

На Солунското пристаниште за утовар и истовар засега чекаат 25 бродови, а околу 70 до 80 проценти од македонската трговија се реализира токму преку Солунското пристаниште.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.