Стопанската комора на Македонија и странските инвеститори организираа хуманитарен пикник

На Светскиот ден на културни различности, вчера во Градскиот парк во Скопје, Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори организираа хуманитарен јавен настан со автентични гурмански специјалитети од различни земји.

По големиот успех од минатогодишното издание на Светскиот пикник, Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори продолжија со идејата за промовирање на културата на странските компании – членки на Советот на странски инвеститори преку нивната традиционална храна.

Странските инвеститори кои доаѓаат од Австрија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Луксембург, Франција, Холандија, Хрватска, САД, Словенија, Турција и Швајцарија ја искористија можноста да се дружат со граѓаните и да ја промовираат  гастрономијата на земјите од каде што потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни.

Денот беше збогатен и со содржини за целото семејство, со многу музика, забава и анимација за деца.

-Овој настан беше одлична можност да се прослави долгогодишната посветена работа на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и ветување за понатамошни успешни проекти, настани и случувања кои ќе ја потврдат нивната општествена одговорност – изјави Штефан Петер,  претседател на Советот на странски инвеститори.

Компании – членки на Советот на странски инвеститори вработуваат повеќе од 50.000 граѓани.Среќни сме што Советот за странски инвеститори успешно функционира и работи во рамкки на Стопанската комора на Македонија.

Денес, заеднички го организиравме овој настан што претставува своевиден доказ дека и домашните, но и странските инвеститори, покрај тоа што работат во насока на раст и развој на своите компании, подеднакво придонесуваат и за општото добро за граѓаните и општеството во целина, истакна оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, м-р Елена Милевска Штрбевска.

Македонската јавност – граѓаните и претставниците на бизнис заедницата кои присуствуваа на Светскиот пикник покрај можноста да се запознаат со различните вкусови на   интернационалните кујни и да уживаат во музиката на годинешната македонска претставничка на Евровизија – Јана Бурческа, беа дел и од хуманата намера на настанот бидејќи храната се послужуваше за симболична цена од 100 денари, а собраните парични средства ќе бидат донирани на народната кујна во црквата „Св. Апостол Петар и Павле“ и на Хуманитарното здружение „Ел-Хилал“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.