Стопанската комора на Македонија прва со ИСО 9001: 2015

Стопанската комора на Македонија е првата институција во земјава која своите оперативни процеси ги приспособи на барањата на новиот стандард ИСО 9001:2015.

Следејќи ги сите новини и процеси во рамки на стандардите за квалитет, денеска Нилгун Арас од British Standards Institution одржа состанок со менаџерскиот тим на Комората вклучен во процедурите и изврши континуирана проверка на Системот за управување со квалитет, како и транзиција кон новата ревизија на стандардот ISO 9001:2015. Врз основа на подготвителниот извештај, проверени се процесите на реализација на коморски услуги, со осврт кон новите барања на стандардот и нивната апликативност во коморското работење, информира Комората.

Стопанската комора прва во Македонија, пред осум години, го имплементира и успешно го сертифицира ИСО стандардот во своето работење.

Комората постојано настојува да биде квалитетна институција, не само интерно, преку својот професионален, аналитичен и транспарентен кадар, туку и екстерно, во работата со сите партнери: државните институции, бизнис-асоцијациите, медиумите и другите соработници, стои во соопштенито.