Стопанствениците ќе учат за стандардите за здрава храна

Стопанската комора на северо-западна Македонија, денеска потпиша меморандум за соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел подобро запознавање на бизнис секторот со законите во делот на производство на храна. На овој начин, како што истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски, би се овозможиле услови за значително подобрување на нивото на здравјето на луѓето и на потрошувачите.

„Целта е преку редовна соработка, особено во делот на разгледување на законската регулатива пред таа да се донесе, да се добијат соодветни мислења од комората. Предвидени се  и редовни состаноци и обука на членките на комората, за да се запознаат со законските обврски во делот на  производството на храна. Ќе се прават редовни средби на месечно ниво, на кои ќе се дискутираат проблемите во делот на надлежностите на Агенцијата за храна,  со цел да се превенираат евентуални проблеми“, вели Рунтевски.

Претседателот на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Мендерес Кучи, посочи дека синхронизацијата со регулативите од Европската заедница понекогаш ги отежнува работите, бидејќи често компаниите немаат доволно информаци за новите прописи

„ Не доведуваат до свршен чин, кога компаниите веќе се присутни со стоката на граничните премини. А се раоти за стоки кои не можат да трпат чекање долго време.  Сакаме да се заштитиме и од нелојалната конкуренција. Ова е чекор со што веројатно ќе се избегнат многу нејаснотии“, посочи Кучи.

Пред да се донесе некој закон, стопанствениците се надеваат дека тој прво ќе се дискутира и одобри од бизнис заедницата.
Како дел од договорот за оваа соработка,  наскоро интернет страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе функцинира и на албански јазик.