Балкан

Стоперка од Србија сее страв на патиштата

Стоперка од Србија сее страв на патиштата

Дваесет и осумгодишна стоперка од Србија сее страв низ патиштата. Турски државјанин не ни помислил што може да го снајде кога во својот камион ја качил З.Т.

Нишката полиција ја уапсила 28-годишната девојка од околината на Књежевац и нејзиниот соучесник, И.М. (28) од Ниш, поради сомневање дека на 10. февруари на автопатот Ниш-Пирот ограбиле турски камионџија. Девојката, која стопирала крај патот, од возачот побарала да ја однесе до Ниш, каде на влезот во градот го замолила кусо да запре со образложение дека почнала да ја боли ногата.

Возачот се навалил кон неа за да и ја отвори вратата, кога одзади со палка го удрил соучесникот на девојката на кој таа му јавила дека доаѓа со турски камион.

Турчинот му се спротивставил на напаѓачот и додека се бореле, стоперката ја искористила гужвата и го “олеснила“ за 350 евра и мобилен телефон камионџијата.

Ограбениот возач по случката ја известил полицијата од каде по брзата интервенција сторителите биле пронајдени и задржани во притвор.