Стоте најцрни денови во сообраќајот допрва доаѓаат

„Едно лице загина, а четири други се повредени во сообраќајна незгода што вчера вечер се случи на магистралниот пат Битола-Демир Хисар“, „Две женски лица се повредени во сообраќајна незгода која утринава се случила во Автокоманда, кај АСУЦ“, „Мотоциклист тешко повреден во сообраќајна незгода на патот Демир Капија – Миравци“…. ова се само неколку наслови извадени од портали, весници, вести… кои се особено чести во летниот период од годината.
За жал, овие извештаи, стануваат дел од секојдневните „ударни“ вести на медиумите и човек не може да остане рамнодушен на она што тие го најавуваат за продолжението на текстот. Сериозноста на ваквите вести прави свеста и грижата за вредноста на животот да проработи кај секој човек, да биде „погоден“ од крајот и последиците од сообраќајните незгоди, но сѐ до моментот додека не седнат зад воланот, односно сѐ до моментот додека активно не се вклучат во сообраќајот.

И повторно се заборава на сѐ, повторно грешки, брзо возење, неправилно престигнување, возење под дејство на алкохол, итн. до следниот ден додека повторно не слушнеме или не прочитаме некоја тажна вест за црната судбина за изгубен човечки живот на патиштата. И повторно исто…

Неофицијалните статистички податоци покажуваат дека заклучно со 15 јуни оваа година, 36 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди на улиците и на патиштата во Република Македонија.

Но, искуството и статистиката покажуваат дека претстоја  стоте најкритични и најцрни денови кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Во 2016 година, во јуни  11 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, во јули – 26, во август – 19, во септември – 9. Оваа година, во  јуни, неофицијално, 8 лица го загубле животот во сообраќајни незгоди. Секоја година, во периодот јуни – август , двојно се зголемува бројот на загинати и на повредени лица во сообраќајни незгоди, односно околу 50 отсто од сообраќајните незгоди со фатални последици се случуваат токму во овој период.

Најчести причини за сообраќајни незгоди во овој период од годината се:

• Брзото возење. Причина број еден за сообраќајни незгоди со фатални последици е брзото и агресивно однесување во сообраќајот. Лето, опуштена атмосфера, одмори и забава, но дефинитивно сообраќајот не е место каде треба да се троши вишокот адреналин и вишокот енергија. Сообраќајот бара смирени и одговорни возачи.

• Неправилно пристигнување. Сообраќајниот метеж е составен дел од сообраќајот во овој период од годината. Нестрпливоста, слалом возење и желбата за престигнување и побрзо пристигање на посакуваната дестинација најчесто значи, директен судир помеѓу возилата, тешко повредени и загинати лица, односно прерано завршен живот, неостварени соништа и неуспешно пристигнување онаму каде сте тргнале. Затоа, бидете трпеливи и никогаш не престигнувајте неправилно, дури и кога тоа навидум изгледа безбедно.

• Замор. Долгите патувања се карактеристични за овој период од годината. Возачите го планираат своето патување во зависност од тоа кога е најмал сообраќајниот метеж, а не во зависност од тоа кога се одморени и подготвени. Статистиката покажува дека сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат со фатални загуби затоа што изостанува можноста за реакција на возачот и можноста за избегнување и намалување на последиците. Човечкото тело има ограничени можности, а лажната самоувереност носи фатални загуби. Затоа, патувајте одморени, наспани, правете пауза и не возете подолго од 3 часа без одмор.
• Алкохол. Управување моторно возило под дејство на алкохол и психотропни супстанции е многу посилно изразена појава во летниот период во споредба со остатокот од годината. Голем број прослави, забави, веселби до раните утрински часови и изобилство алкохол. И сето тоа може да биде прифатливо, но никако не може да биде прифатливо управување моторно возило под дејство на алкохол – тоа носи смрт, загубени човечки животи и тажни семејни судбини. Затоа, уште еднаш потсетуваме, алкохол и волан е најлоша комбинација. Стоп за пијаните возачи!

• Високи температрури. Високите летни температури влијаат на способноста за возење, на техничката исправност на возилото и на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание, проверувајте ја техничката исправност на возилото и не патувајте во периодот од денот кога температурите се највисоки. Правете почести паузи и консумирајте повеќе течности. Високите температури особено се пречка за повозрасните возачи и за оние кои имаат здравствени проблеми. Пред секое подолго патување, за оваа категорија возачи, се препорачува соодветна подготовка и консултација со лекар.

• (Не) користење сигурносен појас или кацига (од страна на возачите, но и на патниците). Појасот и кацигата значително влијаат на тоа какви ќе бидат последиците во сообраќајните незгоди. Не користење сигурносен појас и не носење кацига е рефлексија на недостаток на свест и одговорност на возачите и на патниците кон ризикот и опасностите во сообраќајот.

По секоја сообраќајна незгода со фатални последици се бараат виновници. Вината е на повеќе страни, но најсилно изразена е кај факторот човек – учесниците во сообраќајот.

Затоа, РСБСП апелира: Стоте најцрни денови во сообраќајот допрва доаѓаат. Бидете внимателни и одговорни и чувајте го сопствениот живот и животот и здравјето на другите учесници во сообраќајот. Во сообраќајот нема простор, време и место за опуштање. Опасностите кои ги демнат сите учесници во сообраќајот во летниот период се сериозни. Време е да се освестат сите учесници во сообраќајот и сите заедно, со свест, разум и одговорност – да го направиме ова лето безбедно за патување.
Безбедноста во сообраќајот зависи од сите учесници во сообраќајот, од секој од нас поединечно, пешак, велосипедист, мотоциклист, возач на моторно возило. Секој со своите постапки го прави сообраќајот повеќе или помалку безбеден. Затоа, секој треба добро да размисли, каков учесник е во сообраќајот и дали вреди да биде подобар и поодговорен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.