Стотици екстремистички групи во Германија поврзани со салафистичкото движење

Првиот човек на разузнавачката служба на најбројната германска покраина Северна Рајна – Вестфалија, Бурхард Фрајер на својата листа има повеќе од 100 екстремистички групи поврзани со салафистичкото движење, ултраконзервативна верзија на сунитскиот ислам која ги отфрла западните вредности.

Според Фрајер, како што јави дописникот на МИА од Берлин, овие групи се обидуваат да бидат активни во бегалските центри и да регрутираат бегалци сунити за своите операции.

Овој проблем, како што пренесува весникот „Фајненшл тајмс“, станал особено загрижувачки по нападите во Брисел, каде што загинаа 31 лице.

Доколку салафистите успеат да воспостават систем на регурутација и радикализација на сунитските муслимани од Сирија во бегалските кампови, не само што тие ќе бидат опасни за безбедноста, туку тоа ќе биде силен удар за напорите на германските власти да обезбедат интеграција за сите бегалци, анализира весникот.

Според Фрајер, главна цел на салафистите се момчиња кои во Германија пристигнале сами.

– Тие немаат никаква одбрана пред салафизмот. Немаат родители да ги заштитат, вели Фрајер.

Токму поради оваа причина германските власти забранија влез и активности на сите фундаменталистички организации во бегалските центри, но тоа не е доволно затоа што радикалните групи го промениле својот пристап.

Пратеничката на партијата Левиц во покраинскиот Парламент на Хамбург, за весникот вели дека наместо во големи групи, исламистите сега делуваат преку поединци, кои успеваат да влезат во бегалските центри и да вршат регрутација.

Властите во Берлин тврдат дека има и случаи екстремистички групи да инсталираат свои луѓе во компаниите за обезбедување на бегалските центри и на тој начин успеваат да се инфилтрираат во нив или пак нивни активисти се вработуваат преведувачи од арапски јазик, со што имаат пристап до младите бегалци.

Другата голема грижа на германските власти е испраќањето терористи на ИД кои се претставуваат како бегалци, како во случајот со Фарид А., кој под обвинение дека подготвува терористички напади беше уапсен во бегалски центар градот Атендром. Фарид А. во Германија влегол како бегалец и побарал азил.

Проблемот со регрутација од страна на радикални исламисти стана дел од насловните страници во Германија минатата недела, откако Пиер Вогел, еден од најпознатите припадници на салафистичкото движење преку социјалната мрежа Фејсбук објасни како салафистите можат да стапат во контакт со новодојдените мигранти.

Вогел во својот напис им сугерира на салафистичките активисти да формираат тимови, да ги откријат сите центри за бегалци во нивна околина, да обезбеднат присуство во нив и да им дадат совети на бегалците во која џамија да се молат. Против Вогел засега не е поднесено никакво обвинение, затоа што што во своите совети не сугерира извршување на било каква насилна акција.

Како контра одговор на активностите на салафистите, службите за безбедност издадоа свои брошури упатени до раководителите на центрите за бегалци и социјалните работници, во кои има информации како да се препознаат радикални исламистички активисти.

Во анализата на „Фајненшел тајмс“ се вели дека салафистите не се исто што и милитантните џихадисти, но дека има загриженост оти нивните идеолошки лидери ги радикализираат малдите муслимани и ги насочуваат кон насилен екстремизам во стилот на ИД.

Салафизмот честопати се користи како синоним за вехабизмот, но лидерите на салафистичкото движење овој термин го сметаат за навредлив.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.