Штрајк во Франција – блокиран преминот на Ламанш

Штрајк во Франција - блокиран преминот на Ламанш

Штрајкот на работниците на француските фериботи, предизвика блокада на преминувањето на Ламанш, меѓу Кале во Франција и Довер во Велика Британија.

Сите патишта кон пристаништето во Кале и кон возовите „Евростар“ кои минуваат низ тунелот, под каналот, се блокирани, откако незадоволните штрајкувачи поставја големи камионски и автомобилски гуми на патиштата и ги запалија. Патиштата не може да се расчистат, затоа што штрајкувачите го одржуваат огнот.

Штрајкот предизвика нарушување во редот на патување на фериботите и на брзите возови „Евростар“ кои ги поврзуваат Лондон, Париз, Лил и Брисел.

Претставник на компанијата „Евростар“ во Лондон изјави дека не се очекува прекинување на штрајкот до доцна вечерва, а пристанишните власти во Довер јавуваат за „хаосот“ што се создал во и околу овој град на крајниот југ на Англија.

Повеќе од 600 камиони се наредени по главниот автопат кои води кон пристаништето, чекајќи да се утоварат на некои од фериботите за да се префрлат во Франција, а проблеми во сообрачајот се забележуваат и во внатрешноста на областа Кент, каде се пренасочуваат сите други возила кои не патуваат кон Европа.

Властите им сугерираат на возачите да не тргнуваат кон Довер додека не се расчисти ситуацијата.

Штрајкот на француската страна од Ламанш го предизвикале вработените во фери компанијата „Мајферилинк“.

Лондонските весници пишуваат дека дел од илегалните имигранти, кои престојуваат во камповите околу Кале, се обидувале да ја искористат ситуацијата со штрајкот, за да илеглно се префрлат во Велика Британија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.