Штрајк на транспортните работници и новинарите во Грција

Во Грција денеска нема да сообраќаат фериботите и останатите бродови, поради почетокот на 48-часовниот штрајк, што го организира синдикатот на вработените во поморскиот транспорт, во знак на протест поради новите мерки на штедење што ги договрија грчката Влада и кредиторите на земјата.

Во исто време, за денеска е најавен и 24-часовен штрајк на вработените во државните и приватните медиуми, кои ќе одржат и протестен марш на улиците на Атина.

Во најавата на штрајкот се наведува дека медиумските работници протестираат против „антинародните мерки“ за штедење што Владата прифати да ги спроведе со новиот договор со кредиторите, а кои вклучуваат и дополнителни намалувања на пензиите и зголемување на даноците.

Штрајкот на новинарите ќе трае до утре изутрина, кога тие ќе се приклучат кон утрешниот генерален штрајк во Грција, организиран од страна на синдикатите.

Паралелно со генералниот штрајк, за утре е најавен и почеток на 48-часовен штрак на лекарите и медицинскиот персонал, кои се наздоволни од најавите за намалување на трошоците за здравствениот систем.

Овие штрајкови се организраат во време додека во грчкиот Парламент трае дебата околу Предлог-законот за новите мерки за штедење, за кој пратениците треба да гласаат на 18 мај.

Со овие мерки, Атина се согласи да исплати долг од 3,6 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат со намалување на пензиите и давачките во државниот сектор и со зголемување на даноците. Согласно договорот, примената на овие мерки треба да започне по 2018 година, откако ќе истече сегашната програма за спас, и треба да бидат импементирани во период од две години, односно во текот на 2019 и 2020 година,

Од усвојувањето на новиот Предлог-закон ќе зависи дали на средбата на Еврогрупата на 22 мај ќе биде донесена одлука за исплата на нова транша од кредитите за спас на Грција.