Странците заинтересирани за македонските традицинални јадења

Специфичниот вкус и мирис на колешинските кикиритки, гевгелиското слатко од диви смокви, струмичкиот собра грав, буковската пипер,…, ги намамија странските посетители на саемот “Салон дел густо” во Торино, не само да пробаат од македонските традиционални производи, туку и да купат, да понесат дома за своите трпези.
Тие се водушевени од автентичноста, од зачувувањето на старите рецепти кои до денес се негуваат.
На нашиот штанд може да се најдат и мед во саќе од автохтоната пчела, рчели – слатко од тиква карактеристично за Росоман, како и гевгелиско малиџано.
– Посетеноста е оргомна, но уште поголема фреквенција на посетители очекуваме денеска и утре. Вчера дојдоа откупувачи од САД заинтересирани за буковската пипер, но се бара и од медот, слаткото, гравот, малиџаното. Тоа потврдува дека нашите производи се препознатливи, но и високо рангирани, изјави Емилија Неделковска, проект координатор на Слоу фуд Битола.

Според Сашко Поповски од Босилово, производител и член на локалната заедница “Огражден”, тоа што го прави собра гравот поинаков е специфичноста на подбеласичкиот регион.

– Собра гравот го произведувале нашите дедовци и ние денес ја продолжуваме традицијата, не дозволуваме да исчезне, истакна Поповски.

По рецепт на нашите прабаби се прави и слаткото од диви смокви кое, исто така, привлекува огромно внимание и веќе четврти пат се претставува на “Салон дел густо”. Приказната, како што рече производителот Наѓе Кимов од Валандово е во варењето (низ девет води) кое ги извлекува алкалоидите, но вкусот се задржува.

– Луѓето доажаат, пробуваат и се воодушевени од вкусот на начето слатко кое потекнува од Валандово, Богданци, Гевгелија и Дојран. Тајната е во технологијата, во рецептот наследен од нашите прабаби. Климата во четирите региони е еднаква поради што и нема разлика во квалитетот, нагласи Кимов, додавајќи дека учеството на манифестации како “Салон дел густо” и “Тера мадре” се од големо значење за нашите производители.

Македонските традиционални производи се дел и од Арката на вкусови – он лајн каталог каде се номинираат производи од целиот свет, а на кои им се заканува опасност од исчезнување. Заинтересираните кои ќе го посетат тој дел од Саемот што е во вид на Арката на Ное, можат да видат и да прочитаат се за преспанските циронки, планинскиот чај од Галичица, маџунот, станушината,…

Производителите сметаат дека Македонија треба повеќе да води грижа за традиционалните производи.

– Многу од производите не се доволно заштитени и се случува да ни ги “украдат”. Како да сме индиферентни кога станува збор за нивното зачувување, посочи Кимов. И Поповски потенцира дека традиционалните рецепти треба да се сочуваат. – Некои се веќе исчезнати, како белмачот – производ со сладок вкус добиен од млеко собрано во мај, јуни и јули, кога пашата е најбогата, рече прозиводителот на собра гравчето.

Ставот го дели и Неделковска од Слоу фуд која порача дека државата треба повеќе да ги вреднува своите производи. За неполна година, потенцира, се мапирани 55 карактеристични производи во различни региони што навистина претставува богатство.

Годинашниот “Салон дел густо” се одржува во пет хали од кои три се резервирани за италијанските павиљони. Меѓународниот павиљон е во т.н. Голема овална сала. Саемот ги запазува стандардите на одржливост. Сите материјали од кои се направени штандовите се еколошки (дрво и картон), без никакво штетно влијание за средината, и се повеќекратно употребливи понатаму, за други намени.

Македонија е застапена со свој посебен штанд, но и на уште еден, заедно со останатите земји од регионот вклучени во проектот ЕСЕДРА.