Со странски директни инвестиции во повеќе градови до рамномерен регионален развој

Влезот на странски директни инвестиции и во региони во кои досега не биле присутни е показател дека политиките се правилно поставени. Слободни економски и индустриски зони се отвораат во речиси сите градови низ земјава, пишува „Лидер“.

Порталот нагласува дека Македонија се менува. Се вложуваат милиони евра во изградба на фабрики и на капацитети во различни градови низ земјава, се отвораат нови работни места, се стимулира приватната иницијатива и се поттикнува влезот на нови странски инвестиции, се работи на обезбедување рамномерен регионален развој.

Слободните економски зони се градат во различни делови во земјава бидејќи странските инвеститори многу конкретно бараат соодветна квалитетна работна сила согласно нивните потреби. Голем број од тие компании не сакаат да се лоцираат во ист град, па во тој град да има две или три компании кои би имале слична потреба од работна сила. Самото зголемување на странските инвестиции се должи на политиките и активностите кои се преземени во последните десетина години, не само за подобрување на бизнис – климата, туку на сето она што значи промоција на државата. Започнавме од една дестинација и земја која не беше за никого позната, не само како инвестициска дестинација, голем број на луѓе не знаеја и каде беше Македонија, а денес можам да кажам дека сме на листата од првите пет земји во источна Европа каде сите големи компании  разгледуваат локации, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Инвестиции и во подзаборавените градови

Странски директни инвестиции се влезени во речиси сите градови низ земјава, дури и во оние кои во изминативе години беа подзаборавени. Демир Хисар,  Пробиштип, Кичево, Кочани се само дел од местата во кои влезе странски капитал.

Во индустриската зона Неокази во Пробиштип вчера  беше поставен камен-темелникот на новата фабрика за производство на делови за монтажна, железничка и автомобилска индустрија на фирмата „Кранфилд Фаундри“. Инвестицијата од 15 милиони евра ќе отвори 280 работни места, а со рестартирањето на рудникот ќе се врати и животот во овој крај.

Ќе има 280 нови работни места директни, плус поголем број индиректни работни места и тоа за Пробиштип ќе значи многу. Ме радува што овде, во Пробиштип, во 2006 година имаше 4.200 невработени лица, а денес има само 2000. И тоа не е малку, треба да се работи и тоа да се намали, меѓутоа има значително намалување на невработеноста за повеќе од 50 отсто, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

По руски „Гришко“, во Демир Хисар влезе германска компанија „СТС Текстил“. Отвора до илјада работни места.

Ние посетивме неколку земји за да продолжиме со нашето производство, ги посетивме Холандија, Бугарија, Романија и Македонија, но по напорите што ги вложија македонските владини претставници решивме дека треба да инвестираме тука, вели германскиот инвеститор, Маркус Туч.

Тоа е шанса за стручни работници кои во минатото работеле во секторот текстил, вели градоначалникот Љупчо Блажевски.

Дисперзирани инвестиции за локален развој

Странските инвестиции во Македонија се дисперзирани. Сè почесто изборот паѓа на други градови, а не како порано само на Скопје, што сигнализира дека може да се очекува промена и на демографската карта.

Работниците земаат плата, одат во локалните продавници, купуваат, трошат, што значи дека се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Оттука, позитивните ефекти не се само во непосредните вработувања. Затоа, јас се надевам и очекувам, овие странски инвестиции да имаат многу позитивно и значително влијание врз регионалниот развој, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

Па така, канадската компанија „Еуромакс ресорсис“ вложува половина милијарда евра во Иловица, во општина Босилово. Германски „Маркард“ и индиската компанија „БРГ“ се решија за Велес. „КСС“ веќе работи во Кичево. „Антура“ и „Амфенол“ влегоа во Кочани. „Џонсон Контролс“ оперира во Штип каде има и други инвеститори, а отвора фабрика и во Струмица. „ОДВ Електрик“ и „Костал“ се решија за Охрид. „Леар“ се позиционираше во Тетово. „Гентерм“ и „Акомпласт“ отидоа во Прилеп, „Дрекселмајер“ произведува во Кавадарци, „Кромберг и Шуберт“ во Битола.

Сè поголем број на компании се позиционираат во внатрешноста, што значи дека политиката за креирање рамномерен економски развој дава резултат и сакаме сите луѓе со соодветно образование да најдат свое вработување, вели Мизо.

Повеќе пари за регионален развој!

Македонската влада води политика и стимулира рамномерен развој, ниту еден регион не е заборавен, се инвестира и во подобра инфраструктура и во нови развојни планови.

Годинава со 180 милиони денари или три милиони евра од државниот буџет се финансираат 26 проекти во осумте плански региони кои треба да ги подобрат условите за живот на граѓаните.

Владата е силно посветена на рамномерниот регионален развој и од година во година средствата кои се инвестираат во Програмата континуирано се зголемуваат. Така. годинашните средства во висина од 4 милиони и 250 илјади евра се речиси двојно повисоки од средствата наменети за 2015 година, кои изнесуваа 2 милиони и 160 илјади евра, а се четири пати повисоки од средствата издвоени за оваа програма во 2014 година кои изнесуваа околу милион евра, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.