Странски експерти и понатаму ќе им помагаат на компаниите

Во следниве два месеци уште дваесетина странски експерти ќе престојуваат во Македонија со цел да им помогнат во работата на македонските компании.

Со ова стартува вториот циклус од Владиниот проект чија цел е помош во повеќе сфери за македонските компании, особено зголемување на профитот.

Владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев денес информира дека првиот циклус поминал успешно и дека македонските компании се задоволни од соработката со странските експерти и нивното искуство со кое многу им помогнале.

-Во првиот циклус во земјава пристигнаа експерти од Холандија и Германија кои работеа во македонски компании, а во овој циклус пристигнуваат експерти и од Швајцарија, Австрија, Италија и ЕБОР. Тие ќе работат во компании различни по големина низ повеќе делови од Македонија. На тој начин ќе помагаат во развивање на мали, средни и големи бизниси. Најголем интерес има за компании од прехранбената индустрија, информатички технологии, техника и економија, истакна Ѓорѓиев.

Компаниите со кои ќе работат експерти немаат никакви трошоци или треба да платат одредена минимална сума.

Нивната помош, освен за компаниите, влијае на економски раст и развој низ цела Македонија.