Десет најголеми странски инвестиции најавени за 2016-та година

Според очекувањата 2016-та ќе биде година во која повеќе странски инвеститори ќе го вложат својот капитал на македонско тло. Процесот што започна пред неколку години кулминираше во 2015 година кога триесетина компании донесоа одлуки да инвестираат во Македонија. Познавачите се децидини дека секое вложено евро во нови капацитети е добро за Македонија, особено ако значи отворање нови работни места.

ТЕЛЕГРАФ објави листа на 10-те најголеми инвестиции кои се најавени за годинава:

  1. Фабрика во Велес – 1.000 нови работни места

Инвестицијата во Велес ја најави премиерот во новогодишното обраќање, а името на компанијата ќе биде објавено веќе овој месец. Станува збор за проект на кој Владата работела подолго време, а во првата фаза странскиот инвеститор ќе рестартира постоечки објект. Треба да отвори 1.000 нови работни места.

  1. Компанијата „Делфај“ од САД – 500 нови работни места

Американската компанија „Делфај“ ќе инвестира во индустриската зона Бунарџик. Почетокот на производствените активности треба да биде во втората половина на 2016 година. Станува збор за автомобилска компанија која во погоните во Македонија ќе произведува најнова технологија на модул за возила кој ќе се вградува низ Европа.

Инвестицијата ќе се реализира во неколку фази а првата е во вредност од 15 милиони евра. Со ова вложување треба да се отворат 500 нови работни места.

  1. „Џонсон контролс“ во Струмица – 1.500 нови работни места

Напролет автомобилскиот гигант „Џонсон Контролс“ ќе почне со работа во Струмица на веќе постоечки објект. Инвестицијата од 20 милиони евра треба да обезбеди нови 1.500 работни места.

Иако ова вложување почнува како браунфилд до крајот на годинава и во следната „Џонсон контролс“ ќе почне со изградба на нови капацитети каде треба да бидат вработени до 3.000 лица.

  1. „Ки сејфти системс“ во Кичево – 1.000 нови работни места

Американски „Kи сејфти системс“ (КСС) во зоната во Kичево почна со изградбата на нов објект. Се очекува процесот да заврши до јуни 2016 година. Kомпанијата е специјализирана за производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија, сигурносни појаси и електроника. Таму треба да се вработат 1.000 луѓе, а вкупната инвестиција е 20 милиони евра.

  1. „Гентерм“ нови погони во Прилеп – 2.000 нови работни места

Според плановите, американски „Гентерм“, кој ја привршува инвестицијата во Прилеп ќе почне со работа во март годинава, а компанијата што произведува за автомобилските гиганти во светот треба во погоните да вработи 2.000 луѓе од Македонија.

  1. Германски „Костал“ – 1.000 нови работни места

Германски „Костал“ годинава ќе почне да гради нови капацитети во зоната Струга-Охрид. Оваа компанија овде треба да произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија. Освен во зоната инвеститорот првично работи во објектот на поранешен ЕМО.

„Костал“ во земјава треба да вложи 50 милиони евра, а првично се најавени 1.000 вработувања.

  1. ОДВ Електрик во Струшко – 1.000 нови работни места

Во зоната во Струга-Охрид се гради и новата фабрика на германската компанија ОДВ Електрик, а според првичните планови капацитетот треба да е готов до јуни 2016 година. Планот е таму да се вработат 1.000 невработени од Охрид и Струга. Инвестицијата вреди 15 милиони евра.

  1. Американска корпорација во Тетово – 3.000 нови работни места

Со план за нови 3.000 работни места во Тетово е инвестицијата од 15 милиони евра на американската корпорација „Леар“. Таму до крајот на оваа година треба да се вработат околу 800 луѓе, а бројот да се зголемува по години со растот на вложувањата.

Во погоните ќе се произведуваат навлаки за автомобилски седишта кои се вградуваат во возилата на повеќе автомобилски гиганти.

  1. „Кондево“ во ТИРЗ Штип – најмалку 280 нови работни места

Најдоцна до јули годинава ќе биде готова фабриката на италијанската фирма „Kондево“ која почна да гради погон за делови за кондензациски бојлери во ТИРЗ Штип. Проектираната инвестиција е 30 милиони евра, а се очекува вработување на најмалку 280 лица.

Во „Kондево“ се произведуваат компоненти за „Вајлант“, „Бош“, „Вајсман“, а од Македонија ќе се врши извоз во целиот свет.

  1. Домашни инвеститори во индустриските зони

Две домашни компании добавувачи на познати светски брендови, ќе инвестираат во Технолошко индустриските развојни зони. Тоа е компанијата „Хај Тек“ и компанијата ТТ Плус кои заедно треба да вработат 500 невработени лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.