Странски инвеститори заинтересирани за градење дом за стари лица во Кавадарци

Турски и холандски инвеститори се заинтересирани преку јавно-приватно партнерство да инвестираат во изградба на дом за стари лица во Кавадарци, потврди Ристо Анѓушев, претседател на извршниот одбор на Здружението на старосни пензионери од овој град.

Изградбата на пензионерски дом е наша дамнешна желба и ние се надеваме дека таа конечно и ќе се оствари. Најдовме и соодветна локација во близина на Здравствениот дом и паркот во Кавадарци. Сега очекуваме Владата да ја додели таа локација за да може проектот да се реализира, бидејќи станува збор за локација во државна сопственост, вели Анѓушев.

Тој нагласи дека Здружението од својот буџет издвоило околу милион денари за изработка на соодветната документација.

МИА