Странски компании ги разгледуваат можностите за инвестирање во Велес

Велес располага со повеќе локации и капацитети кои можат да се искористат и да се понудат на странски инвеститори. Во тек се разговори со нови странски компании кои се заинтересирани да инвестираат во овој регион.

Ова го истакна денеска министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак на денешната средба со градоначалникот на Општината Славчо Чадиев, која беше со цел да се разгледаат можностите да се стават во употреба некои од постоечките капацитети.

„Моментално работиме да привлечеме фирми од автомобилскиот и производствениот сектор. Имаме повеќе проекти на кои работиме. Општината Велес има повеќе локации и неискористени капацитети кои можат да се искористат во зависност од параметрите на заинтересираните инвеститори“, потенцираше министерот Самак, пренесе МИА.

Чадиев посочи дека како и досега така и понатаму ќе продолжи да се реализира одличната соработка со Владата во насока на привлекување странските инвеститори од областа на лесната индустрија која нема да има последици по животната средина.

„Со министерот Самак повторно мапиравме одредени зони и можности каде што во иднина би можеле да привлечеме некој заинтересиран инвеститор. За нас како општина најважна е економијата и се надеваме дека во текот на оваа или наредната година ќе привлечеме нов инвеститор на територијата на општина Велес“, потенцира градоначалникот Чадиев.

Самак посети и неколку индустриски капацитети, како и локацијата на која германската фирма „Маркард“ ќе гради погон вреден 35 милиони евра, а во кој според најавите првично ќе се вработат околу 600 работници.