Странскиот капитал ќе надмине 200 милиони евра до крајот на годината

Над 2.900 нови вработувања ќе донесат десетината инвестиции кои се објавени во изминатиот краток период. Одлуката на инвеститорите за својата инвестиција да ја направат во Македонија се темели пред се на позитивните услови, техничката поддршка, отвореноста за соработка на Владата со инвеститорите како и квалитетната работна сила.

Покрај отворањето на нови работни места, позитивно е што инвестициите не се сконцентрирани во една техничко индустриска зона, туку се инвестира во различни градови а доаѓаат од високо развиени западни држави. Битола, Македонски Брод, Крушево, Неготино, Прилеп станаа место каде ќе „легне“ странски капитал, ќе се отворат нови работи места, ќе се донесе странски know how и ќе се учи од реномирани компании.

Две инвестиции во Битола – 260 нови работни места

Турска компанија „Целмак“ која се занимава од металопреработувачката индустрија одлучи да инвестира во зоната во Жабени. Инвестиција е од 8.6 милиони евра ќе донесе нови 110 вработувања. Тие имаат купено земја во Жабени, а градбата ќе започне идната година, стартување на производството би било во 2018-та година.

Грчката компанија „Пластики“ од областа на производство на изолациони и пластични материјали кои се употребуваат во градежни производи , донесоа финална одлука за инвестирање во општина Битола, со планиран број на вработени на 150 лица и инвестиција од 2 милиони евра. Тие ќе ја реализираат инвестицијата во Браунфилд објект наредната година.

Во Македонски Брод инвестиција од 200 вработени

Американската компанија од Вашингтон, САД, во Македонија ќе произведува муниција, огнено оружје, панцири, и слично, за потребите на Американската војска и НАТО земјите. Објектот ќе се гради на земјиштето кое е со површина од 10 хектари. Според истиот план, се очекува да завршат со градба до крај на мај 2017-та година и да започнат со тест производство, за од јули 2017-та година, да почнат со редовно производство.

Скопје- 300 работни места

Турската „Чагатај кабло“ донесе одлука да инвестира и ќе гради фабрика во зоната Бунарџик.

Се работи за компанија која произведува електроника за автобуси и земјоделска механизација, а во Скопје доаѓа како добавувач на Ванхул, белгискиот производител на автобуси.

Ќе започнат со градба на фабриката во 2017 година. Инвестицијата ќе се протега на парцела со големина од 20.000 метри квадратни во Бунарџик. Планот е до крајот на 2017 да почнат со работа. Ќе вработат вкупно 200 лица.

Компанијата Malhotra Cables од Индија одлучи да инвестира во Македонија градејќи сопствен производствен погон во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопје. Се работи за инвестиција од 10 милиони долари која ќе донесе почетни 100 вработувања со понатамошни планови за проширување. Погонот на компанијата кој ќе почне да се гради во наредните три месеци, ќе се простира на површина од 4 илјади квадратни метри, а ќе треба да биде готов до крајот на наредната година. Се работи за компанија која се занимава со производство на кабли и сурови материјали кои се користат во автомобилската индустрија и претставува добавувач за големи компании.

Крушево- 300 нови работни места

Најголемата компанија за преработка на тутун во Грција, Seke, одлучи да инвестира во општина Крушево во погон за преработка и откуп на тутун. Тие веќе имаат основано компанија во Македонија, купено земјиште во зоната и привршуваат со нивните проекти по што до крајот на март наредната година ќе започнат со градба на објектот во индустриската зона во Крушево при што ќе инвестираат 5 милиони евра. Планот е оваа фабрика по финализирање на бизнис планот да обезбеди работа за 300 вработени, со план да откупуваат годишно повеќе од 4000 тони тутун.

Неготино- 100 нови работни места

Компанијата Lubrinaft од Република Полска донесе одлука да ивестира во Македонија во производство на хидраулични масла и други масла за подмачкување во Неготино.Оваа инвестиција ќе достигне до 10 милиони евра и ќе отвори нови 100 работни места и тоа наредната година, со планови за понатамошно проширување.

Прилеп- 600 нови работни места

Германски „ВИГ“ за производство на апарати за домаќинството ќе инвестира во Прилеп и ќе отвори 1000 нови работни места. Планот е да започне да се гради фабриката во првото тромесечие од наредната година на 10.000 квадратни метри и да биде готова до крајот на идната година кога ќе почне производството

Пред одлука за инвестирање во Прилеп е и американска компанија од областа на повисоката технологија од каде, планираат 600 вработувања.

Дополнително, Гентерм ја извести јавноста дека една година порано ќе ја реализира втората фаза од инвестицијата. Наместо иницијалниот план за изградба на полниот капацитет на фабриката до крај на 2018 година, компанијата одлучи да го заврши целиот проект до крај на 2017, почеток на 2018 година. Конечната бројка на вработени е 2000.

Oд почетокот на годинава до септември во Македонија се инвестирани 199 милиони странски капитал. Според извештајот на Народната банка на РМ, во првите 9 месеци од годинава најмногу инвестиции се влезени од бизнисмени од Германија или 23,2 милиони евра, потоа од Турција 23,1 милиони евра, следуваат Италија со 12 ипол милиони, Луксембург, 11 и пол милиони евра, а од Бугарија речиси 12 милиони евра се инвестирани од страна на бизнисмени во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.