Странските експерти значително ја подобрија работата на домашните фирми

Повеќе од ветувачки се резултатите од ангажирањето странски експерти во македонското стопанство. Вкупно 45 проценти од домашните фирми ги подобриле производниот процес и маркетингот, а 10 отсто имаат придобивки во анализата на работењето и планирањето на идните активности, соопшти денеска премиерот Никола Груевски.

Според премиерот, 87 проценти од компаниите изразиле очекување дека ќе отворат нови работни места, додека 86 отсто повторно најавиле потреба и желба од ангажирање странски експерти.

– Еден од основните интереси на Владата е македонските фирми да бидат што поуспешни, со поголема заработка. Тоа ја подобрува економијата, го зголемува извозот, овозможува освојување нови пазари, отвора нови работни места, нагласи Груевски.

Како што информира претседателот на Владата, пред неколку дена е објавен втор повик за македонските компании кои сакаат да ангажираат странски експерти. Рокот за пријавување е до 24 април. Повикот е наменет за фирми кои постојат најмалку две години, а имаат  5 до 250 вработени и најмалку 51 процент домашен капитал. Може да конкурираат и компании кои веќе користеа експертска помош.

gruevski-efekti-1

Проектот почна минатата година со првиот оглас на кој аплицираа 98 претпријатија од 20 градови во земјава. Најмногу беа мали фирми со максимум 50 вработени, а потоа средни и големи компании. Експертите со кои Владата стапи во контакт и беа ангажирани, главно дојдоа од Германија, Холандија, Швајцарија и Австрија.

Премиерот уште еднаш напомна дека Владата целосно ги покрива трошоците за странските експерти, освен за нивно сместување и локален транспорт.

Позитивниот ефект од работата на странските експерти со домашните компании е повеќе од евидентен, оценија и претставниците од стопанските комори кои присуствуваа на денешната презентација на проектот во Владата.

Според нив, најзаинтересирани за ангажирање странски експерти се фирмите од ИТ секторот, индустриското производство, технологијата, финансиите и другите услужни дејности.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.