Странските инвестиции носат повеќекратен бенефит за економијата

Континуираниот влез на странски инвестиции на македонскиот пазар носи повеќекратен бенефит за стопанството. Статистиката потврдува дека во влезот на директните странски инвестиции се влијае врз растот и развојот на економијата, пишува Лидер.

Благодарение на странските инвеститори извозот континуирано расте

Имено, во изминативе речиси десет години, во периодот од 2006-та во 2015-та во земјава се забележува прилив на странски капитал тежок околу 2,6 милијарди евра, или во просек 262 милиони евра годишно. Тоа е за 2,5 пати повеќе за разлика од периодот од 1993-та до 2005-та година, кога во земјава во просек годишно влегувале околу 108 милиони евра странски инвестиции.

Ако се разгледува влијанието на странските инвеститори врз извозот, може да се заклучи дека благодарение на нив, извозот континуирано расте, но она што е поважно е дека се менува неговата структура, а сѐ почесто се извезуваат производи со додадена вредност. Во периодот 2007- 2015 година просечниот годишен извоз од Македонија изнесува 3 милијарди евра и е двојно поголем во однос на просечниот годишен извоз во периодот 2003-2006 година, кога изнесуваше 1,5 милијарди евра, што во голема мера се должи и на порастот на извозот од странските директни инвестиции, особено лоцирани во Технолошко- индустриските развојни зони.

Минатата година извозот достигна рекордно ниво од 4 милијарди и 51 милиони евра, што е најдобро остварување од осамостојувањето на Република Македонија и претставува раст од 100% споредено со 2006-та година кога извозот изнесуваше 1 милијарда и 918 милиони евра.

Ако се анализира подетално, извозот од зоните во 2015-та година достигна скоро 1,5 милијарди евра, што претставува раст од 26% споредено со 2014-та година и сочинува 36% од вкупниот извоз.

Уште 34.000 вработувања во следниот период

Влијанието на странските инвестиции врз развојот на целокупната економија е огромно, велат надлежните.

Странските директни инвестиции носат повеќекратен бенефит за македонската економија, како директни финансиски средства, остварување на директни вработувања, овозможуваат дополнителни вработувања и профит за домашните компании остварувајќи соработка со нив, трансфер на знаења и производи со додадена вредност кои го зголемуваат извозот на стоки, изјави Владимир Пешевски.

Странските инвестиции го размрдаа и пазарот на труд. Изминативе десет години си влезот на 49 поголеми гринфилд инвестиции и стотици помали, беа креирани над 17.000 нови работни места. Според најавите од компаниите, во следните две до три години ќе се отворат дополнителни 34.000 работни места.

Со сегашните проекции од самите инвеститори, вкупни директни вработувања во странските инвестиции во наредните 2-3 години ќе достигнат 34.000, што значи подобри услови за живот на 34.000 семејства, рече Пешевски.

Особено важно е да се истакне и соработката помеѓу странските и домашните компании. Во оваа соработка над 500 македонски компанија остварија некаков бизнис со странските компании било како добавувачи или извршители на градежни или услужни дејности. Според надлежните, со влезот на странските инвестиции се влијае и врз технолошкиот развој.

Трансферот на знаење кој го продуцираат странските компании ни помага во технолошкиот развој, како и создавањето на производи со поголем степен на дополнителна додадена вредност кои претходно не се произведувале во Република Македонија, вели Пешевски.

Рамномерен развој преку влезот на странски инвестиции

Во целиот процес на привлекување на странски инвестиции, вели Пешевски, важен е фактот дека при контактите со претставниците на компаниите  се работи на насочување на странските компании сѐ повеќе нивните проекти да ги лоцираат во другите градови во државата, освен во Скопје, со што, особено во последните 2-3 години драстично се подобрува економската слика во повеќе различни градови и региони.

Сведоци сме дека со влезот на странски компании, комбинирано со другите мерки кои ги спроведуваме за намалување на невработеноста, во некои градови како што се Велес, Штип, Кавадарци, Битола, Кочани, Демир Хисар дојде или доаѓа до значително намалување на невработеноста, објаснува Пешевски.

Така на пример, во Кавадарци инвестираше Дрекселмаер, инвестиција од 35 милиони евра до денес 5.800 вработувања; во Битола Кромберг и Шуберт, инвестиција од 20 милиони евра – моментални 2.800 со најава цифрата да достигне до 3.500 вработувања; во Штип и Струмица инвестираше Џонсон Контролс, инвестиција од 51 милиони евра – 3.300 вработувања; во Штип се и Техникал Текстајлс, инвестиција од 15 милиони евра – 130 моментални вработувања со најава до 1.000 вработувања. Кондево кој се гради и инвестиција од 40 милиони евра – со најава на 280 вработувања.

Во Тетово е Леар корпорејшн го гради погонот – 170 моментални, до 2.500 вработувања; во Прилеп инвестира Гентерм, инвестиција од 20 милиони евра – 345 моментални вработувања, најава до 2.000 вработувања; Акомпласт се гради во моментов, инвестиција од 3 милиони евра – 250 лица; Кичево инвестира Ки Сејфти Системс, инвестиција од 15 милиони евра – 150 моментални, најавани се до 1.000 вработувања. Во Струга има вкупно најавени 2.000 вработувања. ОДВ Електрик кој ја гради фабриката- инвестиција од 15 милиони евра – 105 моментални, до 1.000 вработувања; Костал ја гради фабриката и најави до 1.000 вработувања. Во Велес, БРГ ќе инвеситра во погоните на Порцеланка, инвестиција од 35 милиони евра – до 1.000 вработувања и Маркарт, инвестиција од 35 милиони евра – моментални 200 до 600 вработувања Кочани: Антура, инвестиција од 6 милиони евра – моментални 210 до 300 вработувања и Левидиагро – најавени 100 вработувања; Валандово: Константиновски Плант оф Металурџикал Екипмент (КПМЕ), инвестиција од 25 милиони евра – до 500 вработувања; Ресен- Епл Ленд, инвестиција од 5 милиони евра – 100 вработувања; Демир Хисар- СТС Текстајлс договорот е во реализација, инвестиција од 4 милиони евра – 150 почетно до 1000 вработувања и Гришко веќе реализирани 100 вработувања;

Скопје останува центарот на странските инвестиции во кој оперираат Ван Хол, инвестиција од 35 милиони евра – 830 моментални и 400 нови вработувања; Џонсон Мети, инвестиција од 130 милиони евра – 650 вработени; Кемет Електроникс, инвестиција од 30 милиони евра – 250 вработени, планирани до 500; Текнохозе (Витек), инвестиција од 21 милиони евра – 180 вработувања; Вистеон, инвестиција од 30 милиони евра – 240 вработени; КапКон аутомотив технолоџис, инвестиција од 15 милиони евра – до 400 вработувања; Макдиа инвестиција од 10 милиони евра – 200 вработувања; Делфај се гради, инвестиција од 15 милиони евра – 500 вработувања; Технопласт, инвестиција од 10 милиони евра – 200 вработувања; Хај-тек Асембли Центар ќе се гради, инвестиција од 20 милиони евра – 300 вработувања; Јуроп Шок Абсорберс ќе се гради, инвестиција од 10 милиони евра – 100 вработувања; Герман Електро Мехатроникс , инвестиција од 10 милиони евра – 200 вработувања… и други.

Надлежните велат дека економскиот тим продолжува со својата работа, уште поангажирано и попосветено да работи за да привлече уште пореномирани и светски познати странски компании да дојдат во Македонија, со што дополнително ќе се придонесе за намалување на невработеноста и економски развој на земјата.