Странските инвестиции пред колапс, градежништвото застана, индустријата опаѓа

Странски инвеститори ја напуштаат земјава заради игнорантскиот однос на новата Влада, неколку илјади граѓани ќе останат без работа, градежништвото застана и работниците наместо на терен седат дома, индустријата опаѓа. Ова е резултатот од првите три месецa работа на владата на Зоран Заев, анализира во петокот порталот Курир.мк

За близу сто милиони евра помалку директни стански инвестиции имало во Македонија во првото полугодие, споредено со истиот период лани, информираат од НБРМ.

Според податоците на Народната банка на Република Македонија, но и од односот што јавно се гледа, работите одат во лоша насока, ќе продолжи трендот на намалување на странските инвестиции, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање за овие податоци.

„Можеби еден период државата ќе се вади на тоа што претходниот период се започнати градби, се започнати отворање на нови капацитети и можеби во првите шест месеци до една година, тоа нема до толку да се почувствува. Меѓутоа како времето ќе одминува со оваа политика која ја води владата ќе се гледа дека се помалку има нови странски инвеститори и тоа ќе значи намалување на трендот на намалување на невработеноста. Тој тренд ќе го почувствуваат најмногу невработените, а ќе го почувствуваат и вработените затоа што нема да постои притисок за зголемување на нивните плати, бидејќи единствениот начин да се зголемуваат платите е кога има притисок со нови вработувања и кога новите компании бараат да преземат вработени од постоечките компании. Тоа се’ помалку ќе го има’, шредупреди Груевски пред десет дена.

 

Поради прекините на градбата на автопатите огромен пад на градежништвото во јуни

Градежништвото за јуни бележи енормен пад од дури 25 отсто, а се совпаѓа со прекинот на градбите на автопатите Кичево – Охрид, експресниот пат Градско – Прилеп и забавувањето на патот Скопје – Штип, откако владата предводена од СДСМ ги стопираше натамошните градежни активности.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа ја покажува неспособноста на СДСМ за менаџирање со крупни капитални проекти.

Гоце Димовски на трибината „Отворено со Комисијата за транспорт и врски на ВМРО-ДПМНЕ“ истакна дека тие се стопирани поради банални изговори.

„Меѓутоа, односнот на СДС кон овие капитални, инстфраструктурни, големи проекти кои се пред се бенефитни за развојот на Република Македонија се стопирани од нивна страна. Стопирани се со еден вид банални изговори, а тие банални изговори го потврдуваат нивното незнаење, нивната нестручност и неможноста да менаџираат големи инсфраструктурни проекти кои се бенефитни за Република Македонија“, посочи Димовски.

Поради стопирањето на проектите кои претходно ги почна ВМРО-ДПМНЕ се забави и економскиот развој. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во една прилика рече дека сите проекти кои се запираат придонесуваат до тоа економскиот развој на Македонија да запре.

„Се запреа најголемиот најголемиот дел од градежните проекти во земјава. Се запреа градби на автопати, градбата на Клиничкиот центар во Скопје, се запре градбата на Драмскиот театар… Се’ што требаше да се гради и прави и да придонесе во економскиот развој на земјата, се запре. Сите чекори што ги прават се спротивни на тоа дека ќе се намалат трошоците за живот, напротив трошоците за живот очигледно е дека ќе растат“, истакна Груевски.

 

Пад на индустриското производство

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика индустриското производство во јули 2017 година се намалило за 2,2 отсто во однос на јули 2016 година. Гледано по сектори, рударството и вадењето камен бележи опаѓање од 3,4 отсто, секторот преработувачка индустрија бележи опаѓање од 2,6 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пораст од 2,1 отсто.

„Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производство на облека, производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производство на машини и уреди, неспоменати на друго место“, соопшти ДЗС.

 

По отворениот прогон на странските инвеститори од Владата, хаос меѓу компаниите: Уште три нови фабрики со клуч на вратите до крајот на годината

Поради игнорантскиот однос и незаинтересираноста на актуелната Влада предводена од Зоран Заев, неколку илјади граѓани ќе останат без работа. Имено, откако владата врши отворен прогон на странските инвеститори, дел од нив планираат да ја напуштат Македонија и својот капитал да го пренасочат во друга држава која има одговорна влада, за разлика од нашата.

Уште три нови фабрики, странски инвестиции со околу 1000 вработени, од вчера се пред одлука за нивно затворање.Тоа значи и одлука 1000 лица да останат без средства за егзистенција. Но, конечната бројка на лица кои ќе останат без работа заради начинот на работа на Заев и неговата Влада е многу поголема.

Две странски компании веќе се пред официјално ставање на клуч на вратите. Имаат вработено 2000 лица. Сите од нив ќе останат на улица.

„Имаме огромни забелешки на односот на владата, со која речиси и немаме никаков контакт, на било кое ниво. Нам ни е жал, но доколку продолжат вака работите, ние со сигурност ќе ја напуштиме државата до крајот на годината. За таа цел веќе започнавме разговори со повеќе држави од соседството и регионот“, изјавува еден од менаџерите на компаниите кои се пред одлука да се селат.

Менаџер на друга компанија вели: „ Еве на пример мојата компанија не користи државна помош, но и да користи, тоа не е главната пречка и тоа не е главниот фактор поради која компаниите инвестираат. Најавуваат зголемени даноци, тоа ќе биде катастрофално за сите компании, и домашни и странски. Познавам и други раководители на странски компании во државава кои сакаат да си заминат доколку продолжи ваквиот однос. Мојата компанија вработува над 400 луѓе, сите се добри работници, ќе ми биде жал, но ние сме пред одлука за селење“.

Покрај тоа што овие неколку компании се пред одлука за затворање на капацитетите, она што е познато дека и голем број на други компании се откажале од разговори со владата за идно инвестирање. Една американска компанија донела дефинитивна одлука да прекине разговори со владата на Заев и својата инвестиција да ја пренасочи кон Србија. Се работи за инвестиција која во Македонија ќе обезбедеше 1.500 вработувања.