Странските инвеститори кои отвориле фабрики во Македонија најавуваат нови вложувања и работни места

Странските компании се задоволни од економскиот клима и условите за бизнис во земјава, со оглед дека голем број од нив веќе отвориле втори или трети капацитети, а ваквиот тренд продолжува.

Италијанската компнија „Техноком“ ќе гради трета фабрика во зоната во Скопје, со инвестиција од 5 милиони евра и ќе отвори најмалку 100 нови работни места. Одлуката за реинвестирање на компанијата ја најави лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, на вчерашниот собир во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Ова не е прва компанија која решила да отвори повеќе од една фабрика во Македонија. Дека странските вложувачи се задоволни од условите за водење бизнис и инвестирање, покажува најновата владина анкета, спроведена изминатите три недели на 30 странски инвеститори во Македонија од автомобилската и од преработувачката индустрија и други сектори. Анкетираните инвеститори како најповолни ги посочуваат ниските трошоци, проактивноста на владините институции, како и географската локација на земјата, односно лесниот пристап до европскиот пазар.

Освен „Техноком“ која најави дека ќе гради трета фабрика во индустриската зона во Скопје, и американскиот автомобилски гигант „Џонсон Контролс“ отвори три фабрики во земјава. Компанијата е присутна во Македонија од декември 2007 година кога започна со комерцијално производство во својата фабрика во ТИРЗ „Скопје 1“, каде произведува компоненти за инструмент-табли за автомобилска индустрија. Четири години подоцна компанијата се одлучи да изгради втор производствен капацитет во Македонија, во која се произведуваат навлаки за автомобилски седишта, а како најдобра локација за тоа го избра Штип, кој е Мека на текстилната индустрија во Македонија. Камен-темелникот на новата фабрика беше поставен во ноември 2011 година. По успешниот приказна на компанијата во Скопје и во Штип, американскиот автомобилски гигант инвестираше и во Струмица, каде отвори нов капацитет и овозможи 1.500 нови работни места.

И италијанската компанија „Технохозе“, која во Македонија работи под името „Витек“, го прошири бизнисот во земјава. Во февруари годинава компанијата ја отвори својата фабрика во индустриската зона во Скопје, а најави и отворање на трета. Генералниот директор на „Витек“, Антонио Витило, тогаш најави дека  веќе се прават подготовките и за трет капацитет кој ќе чини 15 милиони евра и кој треба да профункционира идната година кога бројот на вработени во компанијата ќе надмине 300 лица.

Исто така, белгиски „Ван Хул“ ги прошири своите капацитети во земјава. Компанијата започна со работа во земјава во јули 2013 година во индустриската зона во Скопје, а во мај 2014 година ја отвори и својата втора фабрика во Бунарџик. Погоните во Македонија се првата инвестиција на „Ван Хул“ надвор од Белгија. „Ван Хул“ е една од најголемите странски инвестиции во земјава, и воедно компанија која произведува и извезува конечен готов производ „Мејд ин Маседониа“.

Фактот што овие компании се одлучиле да градат нови фабрики во земјава и да го прошират бизнисот е само уште една потврда за поволната бизнис клима и услови за инвестиции кои се нудат на македонскиот пазар. Тоа го докажува и најновата анкета, според која, повеќе од 50 отсто од странските инвеститори ги имаат проширено инвестициите во земјава, а преку 80 отсто од нив предвидуваат отворање нови линии за производство.

Повеќе од 50 гринфилд и браунфилд странски инвестиции во изминатите години ги реализирале своите инвестициски планови во земјава при што бројот на вработени лица до крајот на годината ќе достигне 18.000, а со бизнис плановите на веќе постоечките компании оваа бројка за неколку години ќе се искачи на над 35.000, беше посочено на вчерашната прес – конференција на која вицепремиерот Владимир Пешевски и Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, ги презентираа резултатите од спроведената анкета.

Околу 96 отсто од анкетираните фирми се задоволни од инвестициската клима во Македонија, а 82 отсто од нив сметаат дека е одлична или многу добра, додека 86 отсто повторно би ја избрале Македонија за реализација на своите инвестиции.

Анкетата е уште една потврда за добрата бизнис и инвестициска клима во Македонија, како и за вистинската насока во која се движат владините политики. Сепак, постои голем простор за напредок поради што продолжуваат напорите за постигнување уште подобри резултат. Посебно радува фактот што 93 отсто од анкетираните компании би ја препорачале Македонија како добра инвестициска дестинација кај своите партнери, што е и една од нашите цели. На овој начин, странските инвеститори во Македонија стануваат своевиден нејзин промотор и преку нивниот пренесен збор и други компании ќе пројават интерес за инвестирање во земјава, истакна Пешевски.

Анкетата покажува дека 68 отсто од странските инвеститори во Македонија се задоволни од владината поддршка, односно сметаат дека е таа одлична или многу добра, додека две третини или 75 отсто од компаниите кои имале какви било проблеми се задоволни од одличната ефикасност на државните институции.

За 82 отсто од компаниите поддршката од Владата е важен важен фактор што директно влијае врз нивната одлука за проширување на инвестициските активности. Ова е она што континуирано го кажуваме – дека соработката со инвеститорите е есенцијална, активно работење е неопходно не само до моментот на нивното привлекување, туку и од почетокот на градежните активности се до целосно вклопување во работата, посочи директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Странските инвеститори, како што посочи Мизо, досега имаат креирано 17.000 работни места, а до крајот на годината се очекува бројката да достигне и до 18.000.

Активно работиме и преговараме со компании. Можам да кажам дека до крајот на ноември очекуваме уште од неколку компании позитивни одлуки и дел од тие одлуки да бидат позитивни и за Македонија. Не можам да споделувам имиња бидејќи секогаш компаниите треба сами да ги споделат тие информации со јавноста, но оптимист сум и се надевам дека во следните шест до осум недели ќе имаме уште дополнителни компании што позитивно ќе донесат одлука за инвестирање, рече Мизо за време на дискусијата „160.000 нови работни места“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.