Странските инвеститори задоволни од соработката со локалните компании

Странските инвеститори во земјава имаат остварено заемна корисна соработка со стотици локални снабдувачи. Задоволни се од добрата и услугите кои нивните компании моментално ги набавуваат локално, но и оние кои би сакале да можат да ги набават локално по глобално конкурентна цена, квалитет и период на испорака, пренесува МИА.

Ова беше наведено на денешната средба на  Американската стопанска комора во Македонија на тема „Соработка помеѓу странските инвеститори и локалните снабдувачи во Република  Македонија“, на која три компании членки, меѓу другото, информираа за своето работење, палетата на нивни производи и пазарите на кои тие ги пласираат, пренесува МИА.

Посочија дека клучни проблеми со кои се сочуваат при соработката со локалните снабдувачи се недостигот на меѓународни стандарди за квалитет и заштита при работа, нетранспарентното работење и непочитувањето на строго одредените процедури.

Како што беше истакнато на информативната сесија која втора година по ред ја организира Американската стопанска комора во Македонија, континуираното одржување еднаков квалитет на испораките/изведбите и конзистентноста и одржливоста на пазарот на локалните снабдувачи, се предизвиците на кои мора да се работи.

На сесијата, своите искуства ги изнесоа три компании членки на Комората: Арчелормитал Скопје, Вабтек МЗТ Скопје и Фени индустри.

– Создавањето база на локални снабдувачи кои можат да ги исполнат барањата на странските инвеститори, но и меѓународните стандарди, е еден од факторите кои влијаат на одлуката дали една странска компанија ќе инвестира во одредена земја, како и на нивната конкурентност на таа локација. Колку е поголема соработката, толку ќе биде поголемо влијанието на инвестицијата врз подобрувањето на економијата, унапредувањето на стандардите и зголемувањето на конкурентноста на локалните снабдувачи, порачаа претставниците на трите компании.

Од компаниите истакнаа дека исполнувањето на преземените обврски е силна референца која овозможува квалификација на овие компании во нивните локални организации што значи можност за продажба и во другите компании од групацијата низ светот.

Додадоа дека досега имале неколку вакви успешни приказни.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.