Странските служби и Заев , името и рускиот гас

Заклучно шестатата петарда на Зоран Заев, веќе е извесно дека тој по кој знае кој пат излажа. Излажа дека ќе прикаже криминал од енормни размери, а единствено што покажа е рекла-казала и конструирани муабети. Ваквите разговори меѓу двајца соработници или двајца пријатели, не се сензација, но кога странските служби во соработка со опозицијата ќе ги снимаат разговорите на државниот врв и на министрите, за потоа опозицискиот лидер со нив да го рекетира премиерот уценувајќи за техничка влада, е тоа е кривично дело.

Свежиот странски платеник Заев, како што го нарекуваат некои новинари од соседството, не покажа ни “К” од криминал, или барем нешто приближно на криминалната транзиција и приватизација со помош на која сдсмовците се збогатија,  а над 200.000 луѓе во Македонија останаа без работа. Ниту покажа нешто слично на неговиот осум милиони евра тежок криминал за случајот „Глобал“, за кој што беше аболициран од Бранко Црвенковски. Не покажа опозицискиот лидер шверц на цигари и нафта како оној што цветаше во нивно време. Ниту пак, успеа да докаже дека владата не ги исполнува ветувањата, како што СДСМ докажа дека лаже кога Црвенковски не го исполни ветувањето за по еден вработен од секое семeјство. Или како што не’ излажаа кога ни го сменија името од Македонија во ФИРОМ, со изговор дека тоа ќе било само за три месеци.

Врвот на се’ е што Заев сега ќе откривал што се премиерот прифатил за името. Демек заборавивме дека Груевски и ВМРО- ДПМНЕ немаат мандат за постигнување на финална спогодба за ова прашање, бидејќи токму оваа влада правото за одлучување му го даде на народот, преку распишување на референдумот како единствен начин за прифаќање на решението.

Бомбите на Заев станаа петарди што му пукнаа во рака. Наспроти неуспехот да докаже дека владата на Груевски правела криминал, единствено што направи е реафирмација на позната опозициска стратегија на лаги, клевети, потценување на интелегенцијата на народот и вршење услуга на оние што сакаат да и’ наштетат на Македонија. А, во Грција се чини веќе се слави.

Ако носот на Заев растеше по малку за секоја кажана лага како на Пинокиo, досега ќе ја поминеше и македонско-грчката граница, и тоа пеш.

Најпрвин го рекетираше премиерот Груевски со информацијата дека странски служби му ги дале незаконски снимените материјали. Потоа, на народот му го сервираше тврдењето дека не странски служби, туку владата прислушкувала. Но, никако да се произнесе и за признанието од СМС пораките до Мендух Тачи во кои што го информира дека соработува со странци, од надвор, кои што го спремале за премиер.

Слично признание имаше и во писмото до Зоран Верушевски, но и сличен обид за потценување на интелегенцијата на народот. Иако, прво тврдеше дека воопшто не се познава со Верушевски, притиснат од доказите и признанието на соработниците, повторно ја смени приказната, па призна и дека се познава и дека соработува и дека на син му му купил комјутер. Соочен со декодираните пораки, во кои што синот на Верушевски се радува на новиот автомобил што ќе го вози како награда за успешно завршената работа со Заев, нашиот „мудар“ опозициски лидер како вистински селски итрец го кажа следново образложение:

Сакал да им купи нов автомобил на Верушевски, бидејќи нивниот бил стар и со него неможеле да патуваат надвор од земјата кога ќе ја завршеле работата.

Дилемата овде не е дали Верушевски до сега имале „пегла“ или „фичо“, туку до кога Заев и СДСМ ќе се обидуваат да прават мајмун од македонскиот народ?

Најпосле, лидерот на СДСМ, не’ подели и нас новинарите на професионални опозициски и непрофесионални провладини. Е, зошто соросоидите биле професионални, за разлика од другиве, провладиниве? Затоа што никогаш нема да пишуваме во одбрана на осудените во „Монструм“? Или зашто никогаш нема да правиме суптилен или помалку суптилен притисок за менување на името и константно виткање на кичмата пред Грција и моќниот Запад? Или, пак, можеби затоа што никогаш нема да плукаме по Македонија за да ги задоволиме интересите на речиси секој што ќе не’ плати за тоа? Или пак, не сме професионални зошто сопствениците на нашите медиуми не не’ трампаат како вреќа смоки во замена за попуст за политичко рекламирање на опозицијата и што ли уште не, како што тоа правеше Велија Рамковски со неговите и денес активни, ем новинари ем политичари?

А, на нарачателите и извршителите на пучот пораките на народот мора да им станат јасни. Заев ќе седне во владина фотелја само тогаш кога народот ќе му го дозволи тоа. На избори. А, народот тоа ќе го дозволи тогаш кога СДСМ ќе покажат програма и посветеност на политиката во насока на просперитет на Македонија. Се’ додека наместо како конструктивна опозиција, Заев и СДСМ се однесуваат како недозреани рекетари со тенденција за плукање, тепање, кршење и уривање, единствено што ќе може да прават е да си пукаат петарди во седиштето на „Павел Шатев“.

Од друга страна, на нарачателите на пучот пак, странците, од надвор, што го спремале Заев за премиер, треба да им биде јасно дека времето на обезличувањето на Македонија и Македонците помина. Не Заев и СДСМ, туку народот на референдум ќе го има последниот збор за решение за проблемот што Атина го има со нашето уставно име и идентитет. А, од референдумот поставен како црвена линија од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, Македонците нема да отстапат никогаш. Моќта е сега кај народот, а кој мисли поинаку, ќе му се случи народ.

Според многумина, народ ќе му се случи и на секој лидер кој што ќе ја одбие евентуалната екстра поволна понуда за руски гас од „Турски тек“, проект за кој што западните сили очигледно веќе и не бираат средства во обидот за да ја спречат неговата реализација и руското влијание во регионот.

Марија Котовска / Дописник на Нетпрес од Атина