(Странските) тајни служби на Ордановски Сашо

Откако претседателот на СДСМ  г-дин Зоран Заев ја најави бомбата за рушење на легитимно избраната, на демократски избори, актуелна власт почнаа да се ројат како пчели излезени од саќето голем број стари и истрошени, но уште во поголем број тазе испилени експерти за разузнавање. Просто е неверојатно дека во Македонија во овој момент најпосакувана професија е да бидеш експерт за разузнавање, кој потекнува од други професии за да можеш да му се приближиш на Зоран Заев или поточно кажано тоа да биде влезница за во кабинетот на погоре споменатиот.

Но, најмалку што можев да очекувам дека двајца самопрогласени новинарски бардови и гуруа, од времето на Бранко станале главни советници ем за медиуми, ем за разузнавање, и ем за контраразузнавање. Тука мислам пред се на Сашо Ордановски и за тетин ми Ацо Кабранов (кој патем е лично дезинформиран дека сум вработен во Општина Карпош). Очигледно Ордановски ја има функцијата во кабинетот на Заев како експерт за работата на странските служби во Македонија, а Ацо Кабранов советник колку новинари се прислушувани без разлика дали се провладини или проопозициски. Морам да признаам дека немам намера да го напаѓам Ацо Кабранов, меѓутоа длабоко ме разочара неговата последна колумна каде наведува фризирани податоци од непознати извори и приземно и ниско со подземен вокабулар го напаѓа бившиот дескаџија во дневниот весник ВЕСТ, кој преку Срѓан Керим станал прва медиумска виолина на актуелниот премиер, а јас сум еден од оние кои недвосмислено препознаваме за кого се работи.

А, за жал на Ордановски и Кабранов кога Вие недвосмислено бевте во дворот на Бранко Црвенковски и Владо Бучковски да глумите први виолини, мандолини и свирачи дали тогаш имаше слобода на медиуми и демократија во Македонија? Како што би рекол стариот лисец Киро Глигоров, разбира се НЕ!

Најинтригантна ми е воодушевеноста и посветеноста како работат странските или домашните тајни служби во нашата мила државичка од страна на печурката после дожд од куќата на г-дин Данаилов Фрчковски неговиот патрон и пајташ од новинарството Сашо Ордановски. Инаку дали е вистина дека во најголемата моќ на Данаилов Фрчковски како министер за внатрешни, зотри Сашо Ордановски во делот на разните финансиски афери пробува да му објасни на еден пријател исто така познат новинар во кафеана, дека менторот и патронот министер од платата неможе да го наполни сопствениот фрижидер, да појаснам со храна де?

Но, многу е интересно за какви големи братучедски уши зборува Ордановски? Многу е интересно од каде му се информациите кои ги објави пред две недели, а со начинот колку е сигурен во истите, постојат два извора од каде може да ги добие: домашните служби на чело со г-динот Сашо Мијалков прв братучед на премиерот или од неименувани странски разузнавачки служби.

Првата варијанта е веднаш тотално исклучена поради сервисот на проверка на фактот дека таму е во моментов цели осум години, непробојниот разузнавачки штит на премиерот-Сашо Мијалков, како и за голема жал на г-дин Ордановски тоа што дефинитивно во моменталниот кадровски шпил на карти во УБК не се играчи типови како фамозните поранешни магови Зоран Верушевски и особено Слободан Богоевски. Да појаснам овие двајца беа луѓе од највисока доверба од главното раководство на СДСМ Црвенковски-Фрчковски, но се случи неочекуван пресврт со тоа што во време на актуелната власт Верушевски и Богоевски оправдано се отсутни од давањето услуги на новинарите блиски до СДСМ.

Втората варијанта, која е многу поопасна за Ордановски, е дека на услуга на странска разузнавчка служба за пласирање на (дез) информации во јавноста убаво е сокриен преку проект на УСАИД. Но, има еден мал проблем. За прислушкување неможеш да добиеш информации од Американците, можеш да ги добиеш само од телекомуникациските оператори, кои се во сопственост на Германци, Австријци и Словенци.

Тоа оди на следниов начин, имате лице задолжено за безбедност во телекомуникацискиот оператор кој прати се’, разговори, пораки и интренет, не сообраќај туку комуникација. Во случај како што беше нападот на Про Кредит Банка, а на барање на полицијата, разговорите иако изведени надвор од граничниот појас на Република Македонија, од страна на еден од телекомуникациските оператори беа клучни докази за затворските казни за напаѓачите.

Клучното прашање за двајцата гуруа на новинарите, Ордановски и Кабранов, е од која служба Ви се дадени, дали се веродостојни и вистинити, дали е извршено вештачење на нивните наводни докази за прислушувањето и недај боже и да е така која е целта на овој антиуставен и антимакедонски обид за класичен пуч врз актеулната влада.

Каде е разликата? Кога лицето БЦ ја објави аферата „Големото уво“ се потресе целата домашна и странска јавност во државава и надвор од неа, но ако мисли Зоран Заев дека со вакви информативни обавештајци како Ордановски и Кабранов ќе го направи истиот ефект како Црвенковски е во суштинска грешка. Затоа топло и искрено му препорачувам: повеќе да го слуша Калајџијата и да се дистанцира од новинарите гуруа, повеќе да верува дека народот сака подобри идеи и визии, а не пучистички комунистички начин на доаѓање на власт како таква, а во основа да служи за задоволување на ниските страсти на вакви доларопијци и нормално само едно да знае дека некои негови блиски сопартијци информатори на чаршијата кога го гледаат брачниот другар и имаат намера да ги зачистат средствата за нормален човечки поглед му велат: Драги извесно време нема да се гледаме.

Инаку Ордановски во последната колумна во весникот „Слободен Печат“ посветена на состојбата во македонското новинарство загатнува две клучни теми: професионалниот и моралниот статус на сегашното македонско новинарство и улогата на пропаднатото ЗНМ во сегашните општествени токови.

Кратко и ефикасно да одговорам. А бе дечки, се извинуем чичици, ваквото амнезирано ЗНМ е продукт на лудо погрешно поставената улога на опозицијата и нормално на зотри Насер Селмани и неговите лукративни-сомнабулни и параполитички и парановинарски идеи и концепти. Длабоко сум уверен дека токму нарцисоидниот и ѓоа ненационалистичкиот дискурс на Насер Селмани завршува само на една линија како и неговиот духовен лидер Реис Сулејман Реџепи по однос на македонската нација и прашање.

П.С. Им го честитам од срце 1000-от број на неделникот „Фокус“.

Авторот е независен медиумски работник